Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 3

  1. 1

    „На ангелот на црквата во Сард напиши: ‚Вака вели Оној Кој ги има седумте Божји духови и седумте ѕвезди: Ги знам твоите дела. Имаш име дека си жив, но си мртов.

  2. 2

    Разбуди се и зајакни го она што останало и е пред умирање, зашто не ги најдов твоите дела довршени пред Мојот Бог.

  3. 3

    Затоа сети се како го прими и слушна зборот; чувај го и покај се. Ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец и нема да знаеш во кој час ќе дојдам кај тебе.

  4. 4

    Но имаш неколкумина во Сард што не ја извалкаа својата облека. Тие ќе одат со Мене облечени во бело, зашто се достојни.

  5. 5

    Оној што победува ќе биде облечен во бела облека и никогаш нема да го избришам неговото име од книгата на животот. Ќе го признаам неговото име пред Мојот Татко и пред Неговите ангели.

  6. 6

    Кој има уво, нека слушне што им зборува Духот на црквите.‘

  7. 7

    На ангелот на црквата во Филаделфија напиши: ‚Вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној Кој го има Давидовиот клуч, Кој отвора и никој не затвора, Кој затвора и никој не отвора:

  8. 8

    Ги знам твоите дела. Ете, поставив пред тебе отворена врата што никој не може да ја затвори. Иако имаш мала сила, го зачува Мојот збор и не се откажа од Моето име.

  9. 9

    Ете, ќе направам некои од сатанската синагога, кои велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат, да дојдат и да паднат пред твоите нозе и да знаат дека Јас те возљубив.

  10. 10

    Бидејќи го зачува Мојот збор за трпението, и Јас ќе те зачувам од часот на искушението што ќе дојде врз целиот населен свет, за да ги испита жителите на земјата.

  11. 11

    Доаѓам наскоро. Држи го цврсто она што го имаш, за никој да не ти го земе венецот.

  12. 12

    Оној што победува ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог и повеќе нема да излезе од него. Врз него ќе го напишам името на Мојот Бог, името на градот на Мојот Бог — Новиот Ерусалим, кој слегува од небото од Мојот Бог — и Моето ново име.

  13. 13

    Кој има уво, нека слушне што им зборува Духот на црквите.‘

  14. 14

    На ангелот на црквата во Лаодикија напиши: ‚Вака вели Амин, верниот и вистинит Сведок, Почетокот на Божјото создание:

  15. 15

    Ги знам твоите дела: не си ни студен ни жежок. Камо да беше студен или жежок!

  16. 16

    Но бидејќи си млак — ни жежок ни студен — ќе те изблувам од Својата уста.

  17. 17

    Велиш: „Богат сум, се збогатив и ништо не ми треба“, а не знаеш дека токму ти си беден, жален, сиромашен, слеп и гол.

  18. 18

    Те советувам да купиш од Мене злато пречистено во оган, за да се збогатиш; бела облека, за да се облечеш и да не се открие срамот на твојата голотија; и очна маст, за да ги намачкаш своите очи и да гледаш.

  19. 19

    Јас ги укорувам и воспитувам сите што ги сакам. Затоа биди ревносен и покај се.

  20. 20

    Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, а тој со Мене.

  21. 21

    На оној што победува ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Мојот Татко на Неговиот престол.

  22. 22

    Кој има уво, нека слушне што им зборува Духот на црквите.‘“