Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 14

  1. Потоа погледнав, и ете – Јагнето стоеше на гората Сион, а со Него сто четириесет и четири илјади, кои го имаа Неговото име и името на Неговиот Татко напишани на своите чела.

  2. Слушнав глас од небото како шум од многу води и како силен гром. Гласот што го слушнав беше како звук од харфисти што свират на своите харфи.

  3. Тие пееја нова песна пред престолот, пред четирите живи суштества и пред старешините. Никој не можеше да ја научи таа песна освен сто четириесет и четирите илјади, кои беа откупени од земјата.

  4. Тоа се оние што не се осквернија со жени, зашто се девствени. Тие го следат Јагнето каде и да оди. Тие беа откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето.

  5. Во нивната уста не се најде лага; тие се непорочни.

  6. Потоа видов друг ангел како лета високо на небото. Тој имаше вечно Евангелие за да им го објави на жителите на земјата – на секој народ, племе, јазик и народност.

  7. Со силен глас велеше: „Имајте стравопочит кон Бог и оддајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд! Поклонете Му се на Оној Кој ги создаде небото, земјата, морето и водните извори!“

  8. По него дојде втор ангел и рече: „Падна, падна големиот Вавилон, кој ги напои сите народи со виното на страста на своето блудство!“

  9. По нив дојде и трет ангел и со силен глас рече: „Ако некој му се поклонува на ѕверот и на неговиот лик и го прима неговиот белег на челото или на раката,

  10. и тој ќе пие од виното на Божјиот гнев, налеано неразредено во чашата на Неговата лутина. Ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето.

  11. Чадот од нивното мачење ќе се издига засекогаш. Нема да имаат одмор ни дење ни ноќе оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик, ниту оној што го прима белегот на неговото име.“

  12. Тука е постојаноста на светите – оние што ги чуваат Божјите заповеди и верата во Исус.

  13. Тогаш слушнав глас од небото како вели: „Напиши: Блажени се мртвите што отсега умираат во Господ!“ „Да“, вели Духот, „ќе се одморат од своите трудови, зашто нивните дела ги следат.“

  14. Потоа погледнав, и ете – бел облак, а на облакот седеше Некој сличен на Синот Човечки. На главата имаше златен венец, а во раката остар срп.

  15. Друг ангел излезе од храмот и со силен глас Му викна на Оној што седеше на облакот: „Замавни со Својот срп и жнеј, зашто дојде часот за жетва – земната жетва созреа!“

  16. Оној што седеше на облакот замавна со Својот срп над земјата и земјата беше ожнеана.

  17. Потоа друг ангел излезе од небесниот храм. И тој имаше остар срп.

  18. А друг ангел излезе од жртвеникот, кој имаше власт над огнот, и со силен глас му рече на оној што го имаше остриот срп: „Замавни со својот остар срп и собери ги гроздовите од земната лоза, зашто нејзиното грозје созреа!“

  19. Ангелот замавна со својот срп над земјата, го собра грозјето од земната лоза и го фрли во големата преса на Божјиот гнев.

  20. Пресата беше газена надвор од градот и од неа потече крв до уздите на коњите, во должина од илјада и шестотини стадии.