Откровение
Глава 15
Потоа видов друг голем и чудесен знак на небото: седум ангели со седум последни зла, зашто со нив се довршува Божјиот гнев. (Откровение 15:1)
Видов нешто како стаклено море измешано со оган. На стакленото море стоеја оние што го победија ѕверот, неговиот лик и бројот на неговото име. Во рацете имаа Божји харфи. (Откровение 15:2)
Тие ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот слуга, и песната на Јагнето: „Големи и чудесни се Твоите дела, Господи Боже Семоќен! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! (Откровение 15:3)
Кој нема да има стравопочит кон Тебе, Господи, и кој нема да го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет. Сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, зашто Твоите праведни дела се покажаа.“ (Откровение 15:4)
Потоа видов како на небото се отвори храмот – шаторот на сведоштвото. (Откровение 15:5)
Од храмот излегоа седумте ангели што ги имаа седумте зла. Беа облечени во чист и светол лен и препашани околу градите со златни појаси. (Откровение 15:6)
Едно од четирите живи суштества им даде на седумте ангели седум златни чаши полни со гневот на Бог, Кој живее вечно. (Откровение 15:7)
Храмот се исполни со чад од Божјата слава и од Неговата сила. Никој не можеше да влезе во храмот додека не завршат седумте зла на седумте ангели. (Откровение 15:8)