Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 18

  1. 1

    Потоа видов друг ангел како слегува од небото. Имаше голема власт, а земјата се осветли од неговата слава.

  2. 2

    Тој извика со силен глас: „Падна, падна големиот Вавилон! Стана живеалиште на демони, засолниште на секој нечист дух и засолниште на секоја нечиста и одвратна птица [и засолниште на секој нечист ѕвер].

  3. 3

    Зашто сите народи се опија од жестокото вино на нејзиното блудство; земните цареви блудствуваа со неа, а земните трговци се збогатија од нејзиниот претеран раскош.“

  4. 4

    Потоа слушнав друг глас од небото: „Излези од неа, народе Мој, за да не учествуваш во нејзините гревови и да не примиш од нејзините неволји.

  5. 5

    Зашто нејзините гревови се натрупаа до небото, а Бог се сети на нејзините неправди.

  6. 6

    Возвратете ѝ како што таа возвраќаше и вратете ѝ двојно според нејзините дела. Во чашата во која таа мешаше, смешајте ѝ двојно.

  7. 7

    Колку што самата се прославуваше и живееше во раскош, толку дајте ѝ мака и жалост. Зашто во своето срце вели: ‚Седам како царица, не сум вдовица и никогаш нема да видам жалост.‘

  8. 8

    Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините неволји: смрт, жалост и глад. Ќе биде изгорена со оган, зашто силен е Господ Бог Кој ѝ суди.“

  9. 9

    Земните цареви што блудствуваа со неа и живееја во раскош ќе плачат и ќе тагуваат за неа кога ќе го видат чадот од нејзиното горење.

  10. 10

    Ќе стојат оддалеку, исплашени од нејзиното мачење, и ќе велат: „Тешко, тешко на големиот град, Вавилон, моќниот град! Зашто во еден час дојде твојот суд!“

  11. 11

    И земните трговци ќе плачат и ќе тагуваат за неа, зашто никој веќе не ја купува нивната стока:

  12. 12

    злато, сребро, скапоцени камења, бисери, фин лен, пурпурна ткаенина, свила и црвена ткаенина; секаков мирислив дрвен материјал, предмети од слонова коска, предмети од најскапоцено дрво, бронза, железо и мермер;

  13. 13

    цимет, мириси, темјан, миро, ливан, вино, масло, фино брашно и пченица; добиток, овци, коњи и коли; робови и човечки животи.

  14. 14

    „Плодовите по кои копнееше твојата душа исчезнаа од тебе. Сета раскош и сјај ги изгуби и никогаш веќе нема да ги најдеш.“

  15. 15

    Трговците со овие работи, кои се збогатија од неа, ќе стојат оддалеку, исплашени од нејзиното мачење. Ќе плачат и ќе тагуваат,

  16. 16

    велејќи: „Тешко, тешко на големиот град, облечен во фин лен, пурпур и црвено, украсен со злато, скапоцени камења и бисери!

  17. 17

    Зашто за еден час толкаво богатство беше уништено!“ Секој кормилар, секој што патува по море, морнарите и сите што заработуваат од морето застанаа оддалеку.

  18. 18

    Гледајќи го чадот од нејзиното горење, викаа: „Кој град беше како овој голем град?“

  19. 19

    Ставаа прав врз своите глави и викаа, плачејќи и тагувајќи: „Тешко, тешко на големиот град, од чие богатство се збогатија сите што имаа бродови на морето! Зашто за еден час беше опустошен!“

  20. 20

    „Радувај се поради неа, небо! Радувајте се, свети, апостоли и пророци, зашто Бог ѝ пресуди за она што ви го направи вам!“

  21. 21

    Тогаш еден силен ангел крена камен, голем како воденички камен, и го фрли во морето, велејќи: „Со ваква сила ќе биде фрлен Вавилон, големиот град, и веќе нема да се најде.

  22. 22

    Глас на харфисти и музичари, свирачи на флејта и трубачи, веќе нема да се слушне во тебе. Ниеден мајстор од каков било занает веќе нема да се најде во тебе, ниту звук од воденички камен веќе ќе се слушне во тебе.

  23. 23

    Светлина од светилка веќе нема да свети во тебе, ниту глас на младоженец и невеста веќе ќе се слушне во тебе. Зашто твоите трговци беа големците на земјата, а со твоите магии беа заведени сите народи.

  24. 24

    Во неа беше најдена крвта на пророците и светите и крвта на сите што беа убиени на земјата.“