Прескокни кон главната содржина

Откровение

Глава 17

  1. 1

    Потоа дојде еден од седумте ангели што ги имаа седумте чаши и ми рече: „Дојди, ќе ти го покажам судот над големата блудница што седи покрај многу води.

  2. 2

    Со неа блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се опија од виното на нејзиното блудство.“

  3. 3

    Тогаш во Духот ме однесе во пустина. Таму видов жена како седи на црвен ѕвер, покриен со богохулни имиња, со седум глави и десет рогови.

  4. 4

    Жената беше облечена во пурпурна и црвена облека и украсена со злато, скапоцени камења и бисери. Во раката држеше златна чаша полна со гнасотии и нечистотијата на нејзиното блудство.

  5. 5

    На нејзиното чело беше напишано име: „ТАЈНА: ГОЛЕМИОТ ВАВИЛОН, МАЈКАТА НА БЛУДНИЦИТЕ И НА ЗЕМНИТЕ ГНАСОТИИ.“

  6. 6

    Видов дека жената беше опиена од крвта на светите и од крвта на Исусовите сведоци. Кога ја видов, многу се зачудив.

  7. 7

    Но ангелот ми рече: „Зошто се чудиш? Јас ќе ти ја објаснам тајната на жената и на ѕверот што ја носи, кој има седум глави и десет рогови.

  8. 8

    Ѕверот што го виде беше, а сега не е; ќе излезе од бездната и ќе оди во пропаст. Жителите на земјата, чии имиња не се запишани во книгата на животот од создавањето на светот, ќе се зачудат кога ќе го видат ѕверот, зашто беше, не е, но ќе се појави.

  9. 9

    Тука е потребен ум што има мудрост. Седумте глави се седум гори на кои седи жената. Тие се и седум цареви:

  10. 10

    петмина паднаа, еден е, а другиот сѐ уште не дошол. Кога ќе дојде, треба да остане кратко време.

  11. 11

    Ѕверот што беше, а сега не е, самиот е осми, но е од седумте и оди во пропаст.

  12. 12

    Десетте рогови што ги виде се десет цареви кои сѐ уште не примиле царство, но заедно со ѕверот ќе примат царска власт за еден час.

  13. 13

    Тие имаат една намера и ќе му ги предадат на ѕверот својата сила и власт.

  14. 14

    Ќе војуваат против Агнецот, но Агнецот ќе ги победи, зашто Тој е Господ над господарите и Цар над царевите, а со Него се повиканите, избраните и верните.“

  15. 15

    Потоа ми рече: „Водите што ги виде, каде што седи блудницата, се народи, мноштва, нации и јазици.

  16. 16

    А десетте рогови што ги виде и ѕверот ќе ја замразат блудницата. Ќе ја опустошат и ќе ја остават гола, ќе го изедат нејзиното месо и ќе ја изгорат со оган.

  17. 17

    Зашто Бог стави во нивните срца да ја исполнат Неговата намера: да имаат една намера и да му ја предадат својата царска власт на ѕверот, додека не се исполнат Божјите зборови.

  18. 18

    А жената што ја виде е големиот град што владее над земните цареви.“