1 Летописи
Глава 22
- 1
Тогаш Давид рече: „Овде ќе биде домот на Господ Бог и овде ќе биде жртвеникот за жртви паленици за Израел.“
- 2
Давид заповеда да се соберат странците што живееја во Израелевата земја. Од нив определи каменоресци да сечат и да обработуваат камења за изградбата на Божјиот дом.
- 3
Давид подготви многу железо за клинците на портите и за спојките, како и толку многу бронза што не можеше да се измери.
- 4
Подготви и безброј кедрови дрва, зашто Сидонците и Тирците му донесоа на Давид многу кедрови дрва.
- 5
Давид си рече: „Мојот син Соломон е млад и неискусен, а домот што треба да Му се изгради на Господ мора да биде извонредно величествен, прочуен и славен во сите земји. Затоа ќе подготвам сѐ за него.“ Така Давид направи големи подготовки пред својата смрт.
- 6
Потоа го повика својот син Соломон и му заповеда да Му изгради дом на Господ, Израелевиот Бог.
- 7
Давид му рече на Соломон: „Сине мој, во моето срце имав желба да изградам дом за името на Господ, мојот Бог.
- 8
Но ми дојде Господовиот збор: ‚Ти пролеа многу крв и водеше големи војни. Нема да изградиш дом за Моето име, зашто пролеа многу крв на земјата пред Мене.
- 9
Ете, ќе ти се роди син кој ќе биде човек на мирот. Ќе му дадам мир од сите негови непријатели наоколу. Неговото име ќе биде Соломон, и во неговите денови ќе му дадам мир и спокојство на Израел.
- 10
Тој ќе изгради дом за Моето име. Тој ќе Ми биде син, а Јас ќе му бидам Татко. Ќе го утврдам престолот на неговото царство над Израел засекогаш.‘
- 11
Сега, сине мој, Господ нека биде со тебе и нека ти даде успех да го изградиш домот на Господ, твојот Бог, како што зборуваше за тебе.
- 12
Само Господ нека ти даде мудрост и разум и нека ти даде власт над Израел, за да го пазиш Законот на Господ, твојот Бог.
- 13
Тогаш ќе имаш успех, кога внимателно ќе ги извршуваш одредбите и законите што Господ му ги заповеда на Мојсеј за Израел. Биди силен и храбар; не плаши се и не обесхрабрувај се.
- 14
Ете, со голем труд подготвив за Господовиот дом сто илјади таланти злато, еден милион таланти сребро и толку многу бронза и железо што не можат да се измерат. Подготвив и дрва и камења, а ти ќе додадеш уште.
- 15
Кај тебе има многу работници: каменоресци, ѕидари, дрводелци и луѓе вешти во секаква работа,
- 16
во злато, сребро, бронза и железо, безброј многу. Стани и почни со работата, и Господ нека биде со тебе.“
- 17
Потоа Давид им заповеда на сите Израелеви водачи да му помагаат на неговиот син Соломон:
- 18
„Зар Господ, вашиот Бог, не е со вас? Зар не ви даде мир од сите страни? Тој ги предаде жителите на земјата во мојата рака, и земјата е покорена пред Господ и пред Неговиот народ.
- 19
Затоа насочете ги своето срце и својата душа да Го барате Господ, вашиот Бог. Станете и изградете го светилиштето на Господ Бог, за да ги внесете ковчегот на Господовиот завет и Божјите свети предмети во домот што ќе се изгради за Господовото име.“