1 Коринтјаните
Глава 13
- 1
И да зборувам на човечки и ангелски јазици, а љубов немам, би бил како метал што ѕвони или кимвал што ѕвечи.
- 2
И да имам дар на пророштво, да ги знам сите тајни и сето знаење, и да имам таква вера што и планини да преместувам, а љубов немам – ништо не сум.
- 3
И ако раздадам сѐ што имам за да ги нахранам сиромашните, и ако го предадам своето тело за да се пофалам, а љубов немам – ништо не ми користи.
- 4
Љубовта е трпелива и љубезна; љубовта не завидува, не се фали и не се гордее;
- 5
не постапува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува и не го помни злото;
- 6
не се радува на неправдата, туку се радува со вистината;
- 7
сѐ поднесува, на сѐ верува, на сѐ се надева и сѐ претрпува.
- 8
Љубовта никогаш не престанува. Пророштвата ќе престанат, јазиците ќе замолкнат, а знаењето ќе исчезне.
- 9
Зашто делумно знаеме и делумно пророкуваме,
- 10
но кога ќе дојде совршеното, делумното ќе исчезне.
- 11
Кога бев дете, зборував како дете, мислев како дете и расудував како дете; а кога станав маж, ги оставив детските работи.
- 12
Сега гледаме нејасно, како во огледало, а тогаш ќе гледаме лице в лице. Сега знам делумно, а тогаш ќе познавам целосно, како што и самиот сум целосно познат.
- 13
А сега остануваат верата, надежта и љубовта – овие три; но најголема од нив е љубовта.