1 Коринтјаните
Глава 14
- 1
Стремете се кон љубовта, а ревнувајте и за духовните дарови, особено да пророкувате.
- 2
Зашто оној што зборува на јазик не им зборува на луѓето, туку на Бог; никој не го разбира, а тој преку Духот зборува тајни.
- 3
А оној што пророкува им зборува на луѓето за изградување, охрабрување и утеха.
- 4
Оној што зборува на јазик се изградува себеси, а оној што пророкува ја изградува црквата.
- 5
Би сакал сите вие да зборувате на јазици, но уште повеќе да пророкувате. Оној што пророкува е поголем од оној што зборува на јазици, освен ако и го толкува она што го зборува, за црквата да се изградува.
- 6
А сега, браќа, ако дојдам кај вас и ви зборувам на јазици, каква корист ќе имате од мене ако не ви донесам откровение, знаење, пророштво или поука?
- 7
Дури и безживотните инструменти што произведуваат звук, како кавалот или харфата, ако не даваат различни тонови, како ќе се препознае што се свири?
- 8
И ако трубата даде нејасен звук, кој ќе се подготви за битка?
- 9
Така и вие, ако со јазикот не изговарате разбирливи зборови, како ќе се знае што зборувате? Ќе зборувате во воздух.
- 10
Во светот има многу различни јазици и ниеден не е без значење.
- 11
Ако не го разбирам значењето на јазикот, за оној што зборува ќе бидам странец, а и тој ќе биде странец за мене.
- 12
Така и вие, бидејќи ревнувате за духовни дарови, стремете се да изобилувате во нив за изградување на црквата.
- 13
Затоа оној што зборува на јазик нека се моли да може да го протолкува она што го зборува.
- 14
Зашто ако се молам на јазик, мојот дух се моли, но мојот ум останува бесплоден.
- 15
Што тогаш? Ќе се молам со духот, но ќе се молам и со умот; ќе пеам со духот, но ќе пеам и со умот.
- 16
Зашто, ако благословуваш само со духот, како неупатениот ќе рече „амин“ на твојата благодарност, кога не знае што зборуваш?
- 17
Ти навистина добро благодариш, но другиот не се изградува.
- 18
Му благодарам на Бог што зборувам на јазици повеќе од сите вас.
- 19
Но во црквата повеќе сакам да кажам пет разбирливи зборови, за да ги поучам и другите, отколку десет илјади зборови на јазик.
- 20
Браќа, не бидете деца во размислувањето. За злото бидете како мали деца, а во размислувањето бидете зрели.
- 21
Во Законот е напишано: „Преку луѓе со туѓи јазици и преку усни на туѓинци ќе му зборувам на овој народ, но ни тогаш нема да Ме послушаат“, вели Господ.
- 22
Затоа јазиците се знак не за верниците, туку за неверниците; а пророштвото не е за неверниците, туку за верниците.
- 23
Ако целата црква се собере на едно место и сите зборуваат на јазици, па влезат неупатени или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе?
- 24
Но ако сите пророкуваат, а влезе неверник или неупатен, сите ќе го разоткријат и сите ќе го повикаат на одговорност;
- 25
тајните на неговото срце ќе се откријат, и тој ќе падне ничкум, ќе Му се поклони на Бог и ќе објави: „Навистина, Бог е меѓу вас.“
- 26
Што тогаш, браќа? Кога се собирате, секој има псалм, поука, јазик, откровение или толкување. Сѐ нека биде за изградување.
- 27
Ако се зборува на јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца, еден по еден, а еден нека толкува.
- 28
Ако нема толкувач, нека молчи во црквата и нека зборува сам со себе и со Бог.
- 29
Од пророците нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека расудуваат.
- 30
Ако нешто му се открие на друг што седи, првиот нека замолчи.
- 31
Зашто можете сите да пророкувате еден по еден, за сите да учат и сите да бидат охрабрени.
- 32
И духовите на пророците им се покоруваат на пророците,
- 33
зашто Бог не е Бог на неред, туку на мир. Како во сите цркви на светите,
- 34
жените нека молчат во црквите, зашто не им е дозволено да зборуваат, туку нека се покоруваат, како што вели и Законот.
- 35
Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат своите мажи дома; зашто е срамно за жена во црквата да зборува.
- 36
Зар од вас излезе Божјиот Збор? Или само до вас стигна?
- 37
Ако некој мисли дека е пророк или духовен човек, нека признае дека ова што ви го пишувам е Господова заповед.
- 38
Ако некој не го признава тоа, ни самиот нема да биде признаен.
- 39
Затоа, мои браќа, ревнувајте да пророкувате и не забранувајте да се зборува на јазици.
- 40
Но сѐ нека се прави пристојно и уредно.