1 Коринтјаните
Глава 15
Браќа, ве потсетувам на Евангелието што ви го проповедав, кое го примивте и во кое стоите. (1 Коринтјаните 15:1)
Преку него се спасувате, ако цврсто се држите до Зборот што ви го проповедав – освен ако не сте поверувале напразно. (1 Коринтјаните 15:2)
Зашто најнапред ви го предадов она што и јас го примив: дека Христос умре за нашите гревови според Писмата, (1 Коринтјаните 15:3)
дека беше погребан и дека воскресна на третиот ден според Писмата, (1 Коринтјаните 15:4)
и дека му се јави на Кифа, а потоа на дванаесетте. (1 Коринтјаните 15:5)
Потоа им се јави истовремено на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи до денес, а некои починаа. (1 Коринтјаните 15:6)
Потоа му се јави на Јаков, па на сите апостоли. (1 Коринтјаните 15:7)
А најпосле од сите ми се јави и мене, како на недоносче. (1 Коринтјаните 15:8)
Зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква. (1 Коринтјаните 15:9)
Но преку Божјата благодат сум тоа што сум, и Неговата благодат кон мене не беше напразна; напротив, се трудев повеќе од сите нив – но не јас, туку Божјата благодат што е со мене. (1 Коринтјаните 15:10)
И така, било јас или тие, така проповедаме и така поверувавте. (1 Коринтјаните 15:11)
Ако се проповеда дека Христос воскресна од мртвите, како тогаш некои меѓу вас велат дека нема воскресение на мртвите? (1 Коринтјаните 15:12)
А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал; (1 Коринтјаните 15:13)
ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера. (1 Коринтјаните 15:14)
Освен тоа, би се покажале како лажни сведоци за Бог, бидејќи сведочевме за Бог дека Го воскресна Христос, Кого не Го воскреснал ако мртвите навистина не воскреснуваат. (1 Коринтјаните 15:15)
Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал; (1 Коринтјаните 15:16)
ако, пак, Христос не воскреснал, безвредна е вашата вера; вие сте уште во своите гревови; (1 Коринтјаните 15:17)
тогаш и оние што починале во Христос пропаднале. (1 Коринтјаните 15:18)
Ако само во овој живот се надеваме на Христос, ние сме најнесреќни од сите луѓе. (1 Коринтјаните 15:19)
Но Христос навистина воскресна од мртвите, како прв плод од оние што починале. (1 Коринтјаните 15:20)
Зашто, смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите дојде преку Човек. (1 Коринтјаните 15:21)
Како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат. (1 Коринтјаните 15:22)
Но секој по својот ред: Христос како прв плод, а потоа, при Неговото доаѓање, оние што Му припаѓаат на Христос. (1 Коринтјаните 15:23)
Потоа ќе дојде крајот, кога Тој ќе Му го предаде царството на Бог, Таткото, откако ќе ја уништи секоја власт, сила и моќ. (1 Коринтјаните 15:24)
Зашто Тој треба да царува „додека не ги положи сите непријатели под Своите нозе“. (1 Коринтјаните 15:25)
Последниот непријател што ќе биде уништен е смртта. (1 Коринтјаните 15:26)
Зашто Бог „положи сѐ под Неговите нозе“. А кога се вели дека сѐ Му е потчинето, јасно е дека Бог, Кој Му потчини сѐ, не е вклучен во тоа. (1 Коринтјаните 15:27)
А кога сѐ ќе Му биде потчинето, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној Кој Му потчини сѐ, за Бог да биде сѐ во сите. (1 Коринтјаните 15:28)
Инаку, што ќе прават оние што се крштаваат за мртвите? Ако мртвите воопшто не воскреснуваат, зошто се крштаваат за нив? (1 Коринтјаните 15:29)
И зошто ние секој час се изложуваме на опасност? (1 Коринтјаните 15:30)
Секој ден се соочувам со смртта – го потврдувам тоа со пофалбата што ја имам поради вас во Христос Исус, нашиот Господ. (1 Коринтјаните 15:31)
Ако по човечки се борев со ѕверови во Ефес, каква корист имам ако мртвите не воскреснуваат? „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!“ (1 Коринтјаните 15:32)
Не залажувајте се: „Лошото друштво ги расипува добрите навики.“ (1 Коринтјаните 15:33)
Отрезнете се како што треба и не грешете, зашто некои не Го познаваат Бог. Ова го велам за ваш срам. (1 Коринтјаните 15:34)
Но некој ќе праша: „Како воскреснуваат мртвите и со какво тело ќе дојдат?“ (1 Коринтјаните 15:35)
Неразумен човеку! Она што го сееш не оживува ако најнапред не умре. (1 Коринтјаните 15:36)
Кога сееш, не го сееш телото што подоцна ќе израсне, туку голо зрно, на пример пченично или некое друго. (1 Коринтјаните 15:37)
А Бог му дава тело онака како што сака, и на секое семе му дава сопствено тело. (1 Коринтјаните 15:38)
Не е секое тело исто: едно е човечкото тело, друго е телото на животните, друго на птиците, а друго на рибите. (1 Коринтјаните 15:39)
Има небесни тела и земни тела; но една е славата на небесните, а друга на земните. (1 Коринтјаните 15:40)
Една е славата на сонцето, друга славата на месечината, а друга славата на ѕвездите; и ѕвезда од ѕвезда се разликува по славата. (1 Коринтјаните 15:41)
Така е и со воскресението на мртвите: се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост; (1 Коринтјаните 15:42)
се сее во бесчесност, воскреснува во слава; се сее во немоќ, воскреснува во сила. (1 Коринтјаните 15:43)
Се сее природно тело, воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно. (1 Коринтјаните 15:44)
Така е напишано: „Првиот човек, Адам, стана жива душа“, а последниот Адам – дух што дава живот. (1 Коринтјаните 15:45)
Но не доаѓа прво духовното, туку природното, а потоа духовното. (1 Коринтјаните 15:46)
Првиот човек е од земјата, земјен; Вториот Човек е од небото. (1 Коринтјаните 15:47)
Каков што е земниот, такви се и земните; а каков што е Небесниот, такви се и небесните. (1 Коринтјаните 15:48)
И како што го носевме ликот на земниот, така ќе го носиме и ликот на Небесниот. (1 Коринтјаните 15:49)
Но ова ви го велам, браќа: телото и крвта не можат да го наследат Божјото царство, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста. (1 Коринтјаните 15:50)
Еве, ви кажувам тајна: сите нема да починеме, но сите ќе се преобразиме, (1 Коринтјаните 15:51)
во еден миг, во трепкање на око, при последната труба. Зашто трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се преобразиме. (1 Коринтјаните 15:52)
Зашто ова распадливо треба да се облече во нераспадливост и ова смртно да се облече во бесмртност. (1 Коринтјаните 15:53)
А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост и ова смртно во бесмртност, тогаш ќе се исполни напишаниот збор: „Смртта е проголтана во победа.“ (1 Коринтјаните 15:54)
„Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?“ (1 Коринтјаните 15:55)
Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот. (1 Коринтјаните 15:56)
Но Му благодариме на Бог, Кој ни ја дава победата преку нашиот Господ Исус Христос. (1 Коринтјаните 15:57)
Затоа, мои сакани браќа, бидете цврсти и непоколебливи, секогаш трудејќи се сѐ повеќе во делото на Господ, знаејќи дека вашиот труд во Господ не е залуден. (1 Коринтјаните 15:58)