1 Цареви
Глава 1
- 1
Кога царот Давид остаре и дојде во длабока старост, го покриваа со облека, но тој не можеше да се стопли.
- 2
Затоа неговите слуги му рекоа: „Нека побараат за нашиот господар, царот, млада девојка. Таа нека стои пред царот, нека се грижи за него и нека лежи покрај него, за да се стопли нашиот господар, царот.“
- 3
Така бараа убава девојка низ целата Израелева земја. Ја најдоа Шунамката Ависага и ја доведоа кај царот.
- 4
Девојката беше многу убава. Таа се грижеше за царот и му служеше, но царот немаше телесен однос со неа.
- 5
Во тоа време Адонија, синот на Агита, се возгордеа и рече: „Јас ќе бидам цар!“ Тој си набави бојни коли и коњаници, како и педесет мажи што трчаа пред него.
- 6
Неговиот татко никогаш не го укорил со зборовите: „Зошто го правиш тоа?“ Адонија беше и многу убав човек, а се роди по Авесалом.
- 7
Тој се договори со Јоав, синот на Саруја, и со свештеникот Авијатар, и тие застанаа на негова страна и му помагаа.
- 8
Но свештеникот Садок, Венаја, синот на Јодај, пророкот Натан, Семеј, Реи и Давидовите храбри мажи не застанаа на страната на Адонија.
- 9
Адонија закла овци, говеда и угоени телиња кај каменот Зоелет, близу до изворот Ен-Рогел. Ги покани сите свои браќа, царските синови, и сите Јудејци што му служеа на царот.
- 10
Но не ги покани пророкот Натан, Венаја, храбрите мажи, ниту својот брат Соломон.
- 11
Тогаш Натан ѝ рече на Витсавеја, мајката на Соломон: „Зар не си слушнала дека Адонија, синот на Агита, се прогласи за цар, а нашиот господар Давид не знае за тоа?
- 12
Дојди сега да ти дадам совет, за да го спасиш својот живот и животот на својот син Соломон.
- 13
Оди, влези кај царот Давид и кажи му: ‚Господару мој, царе, зар не ѝ се заколна на својата слугинка и не рече: Твојот син Соломон ќе царува по мене и тој ќе седи на мојот престол? Тогаш зошто Адонија стана цар?‘
- 14
Додека ти уште зборуваш со царот, јас ќе влезам по тебе и ќе ги потврдам твоите зборови.“
- 15
Витсавеја влезе кај царот во неговата спална соба. Царот беше многу стар, а Шунамката Ависага му служеше.
- 16
Витсавеја се наведна и му се поклони на царот. Царот ја праша: „Што сакаш?“
- 17
Таа му одговори: „Господару мој, ти ѝ се заколна на својата слугинка во Господ, својот Бог, и рече: ‚Твојот син Соломон ќе царува по мене и тој ќе седи на мојот престол.‘
- 18
Но сега Адонија стана цар, а ти, господару мој, царе, не знаеш за тоа.
- 19
Тој закла многу говеда, угоени телиња и овци и ги покани сите царски синови, свештеникот Авијатар и војсководецот Јоав, но твојот слуга Соломон не го покани.
- 20
Сега, господару мој, царе, очите на целиот Израел се свртени кон тебе, за да им кажеш кој ќе седне на престолот на мојот господар, царот, по него.
- 21
Инаку, кога мојот господар, царот, ќе почине, јас и мојот син Соломон ќе бидеме сметани за виновници.“
- 22
Додека таа уште зборуваше со царот, дојде пророкот Натан.
- 23
Му јавија на царот: „Еве го пророкот Натан.“ Тој влезе пред царот, падна ничкум и му се поклони.
- 24
Натан рече: „Господару мој, царе, зар ти рече: ‚Адонија ќе царува по мене и тој ќе седи на мојот престол‘?
- 25
Зашто денес тој слезе, закла многу говеда, угоени телиња и овци и ги покани сите царски синови, војсководците и свештеникот Авијатар. Ете, тие јадат и пијат пред него и извикуваат: ‚Да живее царот Адонија!‘
- 26
Но мене, твојот слуга, свештеникот Садок, Венаја, синот на Јодај, и твојот слуга Соломон не нѐ покани.
- 27
Зар ова го наредил мојот господар, царот, без да им каже на своите слуги кој ќе седне на престолот на мојот господар, царот, по него?“
- 28
Тогаш царот Давид одговори: „Повикајте ми ја Витсавеја.“ Таа влезе и застана пред царот.
- 29
Царот се заколна: „Како што е жив Господ, Кој ме избави од секоја неволја,
- 30
како што ти се заколнав во Господ, Израелевиот Бог, и ти реков: ‚Твојот син Соломон ќе царува по мене и ќе седи на мојот престол наместо мене‘, така ќе направам уште денес.“
- 31
Тогаш Витсавеја се наведна со лицето до земјата, му се поклони на царот и рече: „Нека живее мојот господар, царот Давид, засекогаш!“
- 32
Потоа царот Давид рече: „Повикајте ми ги свештеникот Садок, пророкот Натан и Венаја, синот на Јодај.“ Тие дојдоа пред царот.
- 33
Царот им рече: „Земете ги со себе слугите на својот господар, качете го мојот син Соломон на мојата мазга и одведете го до изворот Гион.
- 34
Таму свештеникот Садок и пророкот Натан нека го помазаат за цар над Израел. Потоа затрубете со труба и извикајте: ‚Да живее царот Соломон!‘
- 35
Потоа искачете се по него. Тој нека дојде и нека седне на мојот престол и нека царува наместо мене, зашто го поставив за водач над Израел и над Јуда.“
- 36
Венаја, синот на Јодај, му одговори на царот: „Амин! Така нека потврди и Господ, Бог на мојот господар, царот!
- 37
Како што Господ беше со мојот господар, царот, така нека биде и со Соломон и нека го направи неговиот престол уште поголем од престолот на мојот господар, царот Давид.“
- 38
Тогаш свештеникот Садок, пророкот Натан, Венаја, синот на Јодај, Херетејците и Фелетејците слегоа, го качија Соломон на мазгата на царот Давид и го одведоа до Гион.
- 39
Свештеникот Садок го зеде рогот со масло од светиот шатор и го помаза Соломон. Потоа затрубија со труба и целиот народ извика: „Да живее царот Соломон!“
- 40
Целиот народ се искачи по него. Луѓето свиреа на кавали и се радуваа со толку голема радост што земјата одекнуваше од нивните извици.
- 41
Адонија и сите негови гости го слушнаа шумот токму кога завршија со јадењето. Кога Јоав го слушна звукот на трубата, праша: „Зошто градот е толку разбрануван и бучен?“
- 42
Додека уште зборуваше, дојде Јонатан, синот на свештеникот Авијатар. Адонија му рече: „Влези, зашто ти си чесен човек и сигурно носиш добра вест.“
- 43
Но Јонатан му одговори на Адонија: „Не! Нашиот господар, царот Давид, го постави Соломон за цар.
- 44
Царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, Венаја, синот на Јодај, Херетејците и Фелетејците, и тие го качија на царската мазга.
- 45
Свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа за цар кај Гион. Оттаму се искачија радувајќи се, па целиот град одекнува. Тоа е шумот што го слушнавте.
- 46
Освен тоа, Соломон веќе седна на царскиот престол.
- 47
И царските слуги дојдоа да му честитаат на нашиот господар, царот Давид, и рекоа: ‚Твојот Бог нека го направи името на Соломон пославно од твоето име и неговиот престол поголем од твојот престол.‘ А царот се поклони на својата постела.
- 48
Царот уште рече: ‚Нека биде благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој денес даде мој потомок да седне на мојот престол, а моите очи го гледаат тоа.‘“
- 49
Тогаш сите гости на Адонија се исплашија, станаа и секој си отиде по својот пат.
- 50
Адонија се уплаши од Соломон, стана, отиде и се фати за роговите на жртвеникот.
- 51
На Соломон му јавија: „Ете, Адонија се плаши од царот Соломон. Се фатил за роговите на жртвеникот и вели: ‚Нека ми се заколне денес царот Соломон дека нема да го погуби својот слуга со меч.‘“
- 52
Соломон рече: „Ако се покаже како чесен човек, ни влакно од неговата глава нема да падне на земјата. Но ако се најде зло во него, ќе умре.“
- 53
Царот Соломон испрати луѓе и тие го симнаа Адонија од жртвеникот. Тој дојде и му се поклони на царот Соломон, а Соломон му рече: „Оди си дома.“