Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 24

  1. 1

    Господ повторно се разгневи на Израел и го поттикна Давид против нив: „Оди, преброј ги Израел и Јуда.“

  2. 2

    Тогаш царот му рече на војсководецот Јоав: „Поминете низ сите Израелеви племиња, од Дан до Вирсавеја, и пребројте го народот за да го знам неговиот број.“

  3. 3

    Но Јоав му рече на царот: „Господ, твојот Бог, нека го умножи народот стократно и мојот господар, царот, нека го види тоа. Но зошто царот го посакува ова?“

  4. 4

    Сепак, царскиот збор надвладеа над Јоав и над заповедниците на војската. Така Јоав и заповедниците излегоа од присуството на царот за да го пребројат Израелевиот народ.

  5. 5

    Го преминаа Јордан и се улогорија кај Ароир, десно од градот што е во долината, во правец кон Гад и Јазир.

  6. 6

    Потоа дојдоа во Галаад и во земјата Тахтим-Одси, па дојдоа во Дан-Јаан и оттаму свртеа кон Сидон.

  7. 7

    Дојдоа до Тирската тврдина и до сите градови на Евејците и Ханаанците, а потоа излегоа кон Вирсавеја, во јужниот дел на Јуда.

  8. 8

    Откако ја поминаа целата земја, се вратија во Ерусалим по девет месеци и дваесет дена.

  9. 9

    Јоав му го соопшти на царот бројот на преброениот народ: во Израел имаше осумстотини илјади храбри мажи способни да носат меч, а во Јуда петстотини илјади мажи.

  10. 10

    Откако Давид го преброи народот, совеста го изобличи. Тогаш Давид Му рече на Господ: „Тешко згрешив со тоа што го направив. А сега, Господи, те молам, отстрани го беззаконието на Твојот слуга, зашто постапив многу безумно.“

  11. 11

    Кога Давид стана наутро, Господовиот збор му дојде на пророкот Гад, Давидовиот гледач:

  12. 12

    „Оди и кажи му на Давид: ‚Вака вели Господ: Ти предлагам три казни; избери една од нив и Јас ќе ја извршам над тебе.‘“

  13. 13

    Гад дојде кај Давид и го праша: „Сакаш ли седум години глад во твојата земја, три месеци да бегаш пред непријателите што те гонат или три дена помор? Размисли и кажи каков одговор да Му однесам на Оној што ме испрати.“

  14. 14

    Давид му рече на Гад: „Во голема неволја сум. Но подобро да паднеме во Господовата рака, зашто Неговото милосрдие е големо, отколку да паднам во човечка рака.“

  15. 15

    Така Господ испрати помор врз Израел од тоа утро до определеното време. Од народот, од Дан до Вирсавеја, умреа седумдесет илјади мажи.

  16. 16

    Кога ангелот ја испружи раката кон Ерусалим за да го погуби, Господ се сожали и му рече: „Доста е! Повлечи ја раката.“ Господовиот ангел беше кај гумното на Евусеецот Орна.

  17. 17

    Кога го виде ангелот што го погубуваше народот, Давид Му рече на Господ: „Еве, јас згрешив и јас постапив беззаконо. Но што направија овие овци? Те молам, нека биде Твојата рака врз мене и врз домот на мојот татко.“

  18. 18

    Истиот ден Гад дојде кај Давид и му рече: „Качи се и подигни Му жртвеник на Господ на гумното на Евусеецот Орна.“

  19. 19

    Така Давид се искачи според зборот на Гад, како што заповеда Господ.

  20. 20

    Орна погледна и виде дека царот и неговите слуги доаѓаат кон него. Излезе, падна со лицето до земја и му се поклони на царот.

  21. 21

    Орна праша: „Зошто дојде мојот господар, царот, кај својот слуга?“ Давид одговори: „За да го купам гумното од тебе и да Му подигнам жртвеник на Господ, за да престане поморот меѓу народот.“

  22. 22

    Орна му рече на Давид: „Мојот господар, царот, нека земе и нека го принесе она што го смета за добро. Еве ги воловите за жртвата паленица, а вршалките и јаремите на воловите нека послужат како дрва.

  23. 23

    Царе, Орна ти го дава сето ова.“ Потоа Орна му рече на царот: „Господ, твојот Бог, нека те прими благонаклоно.“

  24. 24

    Но царот му рече на Орна: „Не! Ќе платам определена цена, зашто нема да Му принесам на Господ, мојот Бог, жртви паленици што ништо не ме чинат.“ Така Давид ги купи гумното и воловите за педесет сребрени сикли.

  25. 25

    Давид Му подигна жртвеник на Господ и принесе жртви паленици и жртви на помирување. Господ ја услиши молитвата за земјата, и поморот во Израел престана.