Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 23

  1. 1

    Ова се последните зборови на Давид: „Говори Давид, синот на Есеј; говори човекот што беше високо издигнат, помазаникот на Јакововиот Бог и милозвучниот Израелев псалмопевец.

  2. 2

    Господовиот Дух зборува преку мене, а Неговиот збор е на мојот јазик.

  3. 3

    Израелевиот Бог рече, Израелевата Карпа ми зборуваше: ‚Оној што владее над луѓето нека владее праведно, со страв од Бог.

  4. 4

    Тој ќе биде како утринската светлина кога изгрева сонцето во утро без облаци; како зеленило што никнува од земјата по дождот и сончевиот сјај.‘

  5. 5

    Иако мојот дом не е таков пред Бог, Тој сепак склучи со мене вечен завет, уреден во сѐ и сигурен. Во него е сето мое спасение и сета моја желба. Зар нема Тој да направи сѐ да напредува?

  6. 6

    А сите беззаконици ќе бидат како трње што се фрла, зашто никој не го фаќа со голи раце.

  7. 7

    Кој ќе го допре мора да биде вооружен со железо и со дршка од копје; таквите трње целосно ќе бидат изгорени со оган на самото место.“

  8. 8

    Ова се имињата на Давидовите храбри воини: Тахмонецот Јосев-Васевет, главниот меѓу заповедниците; тој во една битка го крена своето копје против осумстотини луѓе и ги уби.

  9. 9

    По него беше Елеазар, синот на Додо Ахохиецот, еден од тројцата храбри воини што беа со Давид кога ги предизвикаа Филистејците собрани за битка, додека Израелевите мажи се повлекуваа.

  10. 10

    Тој стана и ги напаѓаше Филистејците сѐ додека раката не му се измори и не му се вкочани околу мечот. Во тој ден Господ донесе голема победа, а народот се врати по него само за да го собере пленот.

  11. 11

    По него беше Сама, синот на Харарецот Агеј. Филистејците се собраа во Лехи, каде што имаше нива полна со леќа, а народот побегна пред нив.

  12. 12

    Но Сама застана среде нивата, ја одбрани и ги порази Филистејците. Така Господ донесе голема победа.

  13. 13

    Тројца од триесеттемина заповедници слегоа кај Давид во жетвено време, во Одоламската пештера, додека една филистејска чета беше улогорена во Рафаимската Долина.

  14. 14

    Во тоа време Давид беше во тврдината, а филистејската стража беше во Витлеем.

  15. 15

    Давид силно посака вода и рече: „Кој ќе ми донесе да се напијам вода од витлеемскиот бунар што е кај портата?“

  16. 16

    Тогаш тројцата храбри воини се пробија низ филистејскиот логор, нацрпија вода од витлеемскиот бунар кај портата и му ја донесоа на Давид. Но тој не сакаше да ја пие, туку ја излеа пред Господ.

  17. 17

    Рече: „Господи, далеку нека биде од мене да го направам тоа! Зар да ја пијам крвта на луѓето што ги изложија своите животи на опасност?“ Затоа не сакаше да ја пие. Тоа го направија тројцата храбри воини.

  18. 18

    Ависај, братот на Јоав и синот на Саруја, беше прв меѓу другите тројца. Тој го крена своето копје против триста луѓе, ги уби и стекна име меѓу тројцата.

  19. 19

    Беше најпочитуван меѓу тие тројца и им стана заповедник, но не се изедначи со првите тројца.

  20. 20

    Венаја, синот на Јодај од Кавсеил, беше храбар човек што изврши големи дела. Тој ги уби двајцата моавски јунаци, а еден снежен ден слезе во јама и уби лав.

  21. 21

    Уби и еден Египќанец со необична големина. Египќанецот држеше копје во раката, а Венаја излезе против него само со стап. Му го грабна копјето од раката и го уби со неговото сопствено копје.

  22. 22

    Ова го направи Венаја, синот на Јодај, и стекна име меѓу тројцата храбри воини.

  23. 23

    Беше попочитуван од триесеттемина, но не се изедначи со првите тројца. Давид го постави над својата телесна стража.

  24. 24

    Меѓу триесеттемина беа: Асаил, братот на Јоав; Елханан, синот на Додо од Витлеем;

  25. 25

    Сама Хародецот; Елика Хародецот;

  26. 26

    Хелис Фалтеецот; Ирас, синот на Текоецот Екис;

  27. 27

    Авиезер Анатотецот; Мевунај Хусатецот;

  28. 28

    Салмон Ахохиецот; Маарај Нетофатецот;

  29. 29

    Хелев, синот на Нетофатецот Ваана; Итај, синот на Ривај од Гаваја на Венијаминовите синови;

  30. 30

    Венаја Пиратонецот; Идај од долините на Гаас;

  31. 31

    Ави-Алвон Арватецот; Азмавет Варумецот;

  32. 32

    Елијава Саалвонецот; Јонатан од Јасиновите синови;

  33. 33

    Сама Харарецот; Ахијам, синот на Харарецот Сарар;

  34. 34

    Елифелет, синот на Аасвај, синот на Маахатецот; Елијам, синот на Гилонецот Ахитофел;

  35. 35

    Есрај Кармилецот; Фаарај Арвиецот;

  36. 36

    Игал, синот на Натан од Сова; Ваниј Гадецот;

  37. 37

    Силек Амонецот; Нахарај Виротецот, оруженосецот на Јоав, синот на Саруја;

  38. 38

    Ирас Итреецот; Гарив Итреецот;

  39. 39

    Урија Хетеецот – вкупно триесет и седуммина.