Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 22

  1. 1

    Давид Му ги кажа на Господ зборовите на оваа песна во денот кога Господ го избави од раката на сите негови непријатели и од раката на Саул.

  2. 2

    Тој рече: „Господ е мојата карпа, мојата тврдина и мојот Избавител.

  3. 3

    Мојот Бог е мојата карпа, во Него наоѓам засолниште. Тој е мојот штит, моќта на моето спасение, мојата висока тврдина и моето прибежиште. Мој Спасителу, Ти ме избавуваш од насилство.

  4. 4

    Го повикувам Господ, Кој е достоен за пофалба, и се избавувам од моите непријатели.

  5. 5

    Зашто брановите на смртта ме опкружија, а пороите на пропаста ме преплашија.

  6. 6

    Врските на гробот ме обвиткаа, а стапиците на смртта ме пресретнаа.

  7. 7

    Во својата неволја Го повикав Господ и извикав кон мојот Бог. Тој го чу мојот глас од Својот храм, и мојот повик стигна до Неговите уши.

  8. 8

    Тогаш земјата се затресе и се разниша; небесните темели се затреперија и се поколебаа, зашто Тој се разгневи.

  9. 9

    Од Неговите ноздри се крена дим, а од Неговата уста излезе оган што проголтува; од Него се разгореа јаглени.

  10. 10

    Тој ги наведна небесата и слезе, а под Неговите нозе имаше густ мрак.

  11. 11

    Седна на херувим и полета; се појави на крилјата на ветрот.

  12. 12

    Ја постави темнината како засолниште околу Себе – темни води и густи небесни облаци.

  13. 13

    Од блескавата светлина пред Него се разгореа огнени јаглени.

  14. 14

    Господ загрме од небото; Севишниот го пушти Својот глас.

  15. 15

    Испрати стрели и ги распрсна непријателите; испрати молњи и ги збуни.

  16. 16

    Тогаш се покажаа морските длабочини и се открија темелите на светот од Господовиот укор, од силниот здив на Неговите ноздри.

  17. 17

    Тој ја подаде раката од височината, ме зеде и ме извлече од длабоките води.

  18. 18

    Ме избави од мојот силен непријател и од оние што ме мразеа, зашто беа посилни од мене.

  19. 19

    Ме нападнаа во денот на мојата несреќа, но Господ ми стана потпора.

  20. 20

    Ме изведе на пространо место; ме избави, зашто Му бев мил.

  21. 21

    Господ ми возврати според мојата праведност; ме награди според чистотата на моите раце.

  22. 22

    Зашто ги пазев Господовите патишта и не отстапив безбожно од мојот Бог.

  23. 23

    Сите Негови одлуки беа пред мене и не ги отфрлив Неговите заповеди.

  24. 24

    Бев непорочен пред Него и се чував од своето беззаконие.

  25. 25

    Затоа Господ ми возврати според мојата праведност, според мојата чистота пред Неговите очи.

  26. 26

    Со милостивиот постапуваш милостиво, а со непорочниот човек постапуваш непорочно.

  27. 27

    Со чистиот постапуваш чисто, а со изопачениот постапуваш според неговата изопаченост.

  28. 28

    Ти го спасуваш понижениот народ, а горделивите ги гледаш за да ги понизиш.

  29. 29

    Зашто Ти, Господи, си моето светило; Господ ја осветлува мојата темнина.

  30. 30

    Со Твоја помош напаѓам цела војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид.

  31. 31

    Божјиот пат е совршен, Господовиот збор е проверен. Тој е штит за сите што наоѓаат засолниште во Него.

  32. 32

    Зашто кој е Бог освен Господ? И кој е карпа освен нашиот Бог?

  33. 33

    Бог е мојата силна тврдина; Тој го прави мојот пат сигурен.

  34. 34

    Ги прави моите нозе како нозете на елен и ме поставува на височините.

  35. 35

    Ги учи моите раце да војуваат, па моите раце затегнуваат бронзен лак.

  36. 36

    Ти ми го даде штитот на Своето спасение, а Твојата добрина ме направи голем.

  37. 37

    Го прошири патот под моите чекори, па моите нозе не се лизнаа.

  38. 38

    Ги гонев моите непријатели и ги уништив; не се вратив додека не ги довршив.

  39. 39

    Ги довршив и ги скршив, така што не можеа да станат; паднаа под моите нозе.

  40. 40

    Ти ме препаша со сила за битка и ги покори под мене оние што се кренаа против мене.

  41. 41

    Направи моите непријатели да ми го свртат грбот, а јас ги уништив оние што ме мразеа.

  42. 42

    Повикуваа за помош, но немаше кој да ги спаси; повикаа кон Господ, но Тој не им одговори.

  43. 43

    Ги истолчив како земниот прав; ги згазив и ги разгазив како калта по улиците.

  44. 44

    Ти ме избави од бунтовите на мојот народ и ме постави за глава на народите. Народ што не го познавав ми служи.

  45. 45

    Туѓинците ми се покоруваат; штом ќе слушнат за мене, ме слушаат.

  46. 46

    Туѓинците ја губат силата и треперејќи излегуваат од своите тврдини.

  47. 47

    Жив е Господ! Благословена нека биде мојата Карпа! Нека се возвиши Бог, Карпата на моето спасение!

  48. 48

    Тоа е Бог Кој ме одмаздува и ги покорува народите под мене.

  49. 49

    Тој ме избавува од моите непријатели. Ти ме издигнуваш над оние што се креваат против мене и ме избавуваш од насилникот.

  50. 50

    Затоа ќе Те славам, Господи, меѓу народите и ќе пеам на Твоето име.

  51. 51

    Тој му дава големо избавување на Својот цар и му покажува милост на Својот помазаник – на Давид и на неговото потомство засекогаш.“