2 Самоил
Глава 21
- 1
Во времето на Давид настана глад што траеше три години по ред. Давид Го праша Господ за причината, а Господ му рече: „Тоа е поради Саул и неговиот крвнички дом, зашто тој ги погубуваше Гаваонците.“
- 2
Тогаш царот ги повика Гаваонците и разговараше со нив. Гаваонците не беа од Израелевите синови, туку од преостанатите Аморејци. Израелевите синови им се беа заколнале дека ќе ги остават живи, но Саул, во својата ревност за Израел и Јуда, се обиде да ги истреби.
- 3
Давид ги праша Гаваонците: „Што да направам за вас и со што да извршам помирување, за да го благословите Господовото наследство?“
- 4
Гаваонците му одговорија: „Нашиот спор со Саул и со неговиот дом не може да се реши со сребро или злато, а немаме право самите да погубиме човек во Израел.“ Давид рече: „Ќе го направам она што ќе го побарате.“
- 5
Тие му рекоа на царот: „Од потомците на човекот што нѐ уништуваше и смислуваше како целосно да нѐ истреби од сите Израелеви предели,
- 6
нека ни бидат предадени седуммина негови потомци. Ќе ги обесиме пред Господ во Гаваја, градот на Саул, Господовиот избраник.“ Царот рече: „Ќе ви ги предадам.“
- 7
Но царот го поштеди Мефивостеј, синот на Јонатан, Сауловиот син, поради заклетвата дадена пред Господ меѓу Давид и Јонатан, Сауловиот син.
- 8
Царот ги зеде Армони и Мефивостеј, двајцата синови што Ресфа, ќерката на Аја, му ги роди на Саул, и петте синови на Михала, Сауловата ќерка, што му ги роди на Адриел, синот на Меолатецот Верзелај.
- 9
Ги предаде во рацете на Гаваонците, а тие ги обесија на ридот пред Господ. Седумтемина загинаа заедно во првите денови на жетвата, на почетокот од жетвата на јачменот.
- 10
Тогаш Ресфа, ќерката на Аја, зеде грубо платно и си го постели на карпата. Од почетокот на жетвата, па сѐ додека врз нив не падна дожд од небото, таа не им дозволуваше на небесните птици да им се приближат дење, ниту на полските ѕверови ноќе.
- 11
Кога му кажаа на Давид што направила Ресфа, ќерката на Аја и Сауловата наложница,
- 12
Давид отиде и ги зеде коските на Саул и на неговиот син Јонатан од жителите на Јавис-Галаад. Тие тајно ги беа зеле од плоштадот во Вет-Сан, каде што Филистејците ги обесија откако го поразија Саул на Гелвуја.
- 13
Давид ги донесе оттаму коските на Саул и на неговиот син Јонатан, а ги собраа и коските на седумтемина што беа обесени.
- 14
Коските на Саул и на неговиот син Јонатан ги погребаа во земјата на Венијамин, во Сила, во гробот на Сауловиот татко Кис. Направија сѐ што заповеда царот, а потоа Бог ја услиши молитвата за земјата.
- 15
Филистејците повторно војуваа против Израел. Давид и неговите слуги слегоа и се бореа против Филистејците, но Давид се измори.
- 16
Тогаш Исви-Венов, еден од потомците на џиновите, чие бронзено копје тежеше триста сикли и кој беше вооружен со нов меч, се обиде да го убие Давид.
- 17
Но Ависај, синот на Саруја, му притрча на помош, го нападна Филистеецот и го уби. Тогаш Давидовите луѓе му се заколнаа: „Повеќе нема да излегуваш со нас во битка, за да не го изгасиш Израелевото светило.“
- 18
Потоа повторно настана војна со Филистејците во Гов. Тогаш Хусатецот Сивехај го уби Сафа, еден од потомците на џиновите.
- 19
Повторно настана војна со Филистејците во Гов. Елханан, синот на витлеемецот Јааре-Орегим, го уби братот на Гетеецот Голијат, чие копје имаше дршка како ткајачко вратило.
- 20
Уште еднаш настана војна во Гет. Таму имаше еден човек со необична големина, кој имаше по шест прсти на секоја рака и по шест прсти на секоја нога, вкупно дваесет и четири. И тој беше потомок на џиновите.
- 21
Кога тој го навредуваше Израел, го уби Јонатан, синот на Самај, Давидовиот брат.
- 22
Овие четворица беа потомци на џиновите во Гет и загинаа од раката на Давид и од рацете на неговите слуги.