1 Цареви
Глава 19
- 1
Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија и како ги погуби сите пророци со меч.
- 2
Тогаш Језавела испрати гласник кај Илија со порака: „Боговите нека ми направат така и уште повеќе, ако утре во ова време не го направам твојот живот како животот на еден од нив!“
- 3
Кога го виде тоа, Илија стана и побегна за да си го спаси животот. Дојде во Вирсавеја, која е во Јуда, и таму го остави својот слуга.
- 4
А самиот отиде еден ден одење во пустината. Дојде, седна под една смрека и посака да умре. Рече: „Доста е! Сега, Господи, земи го мојот живот, зашто не сум подобар од своите татковци.“
- 5
Потоа легна и заспа под смреката. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани и јади.“
- 6
Тој погледна, и ете, кај неговата глава имаше погача печена на жешки камења и стомна со вода. Јадеше, пиеше и повторно легна.
- 7
Господовиот ангел дојде вторпат, го допре и рече: „Стани и јади, зашто патот е предолг за тебе.“
- 8
Тој стана, јадеше и пиеше. Зајакнат од таа храна, патуваше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата планина Хорив.
- 9
Таму влезе во една пештера и преноќи. И ете, Господовиот збор дојде до него: „Што правиш тука, Илија?“
- 10
Тој одговори: „Со голема ревност се ревнував за Господ, Бог над војските, зашто Израелевите синови го оставија Твојот завет, ги урнаа Твоите жртвеници и ги погубија Твоите пророци со меч. Останав само јас, а сега бараат да ми го одземат и мојот живот.“
- 11
Господ му рече: „Излези и застани на планината пред Господ.“ И ете, Господ поминуваше. Голем и силен ветер ги расцепуваше планините и ги кршеше карпите пред Господ, но Господ не беше во ветерот. По ветерот дојде земјотрес, но Господ не беше во земјотресот.
- 12
По земјотресот дојде оган, но Господ не беше во огнот. А по огнот дојде тивок, нежен глас.
- 13
Кога Илија го чу, го покри лицето со својата наметка, излезе и застана пред влезот на пештерата. Тогаш до него дојде глас: „Што правиш тука, Илија?“
- 14
Тој одговори: „Со голема ревност се ревнував за Господ, Бог над војските, зашто Израелевите синови го оставија Твојот завет, ги урнаа Твоите жртвеници и ги погубија Твоите пророци со меч. Останав само јас, а сега бараат да ми го одземат и мојот живот.“
- 15
Господ му рече: „Оди, врати се по својот пат низ пустината кон Дамаск. Кога ќе стигнеш таму, помазај го Азаил за цар над Сирија.
- 16
Јуј, синот на Намеси, помазај го за цар над Израел, а Елисеј, синот на Сафат, од Авел-Меола, помазај го за пророк наместо тебе.
- 17
Оној што ќе избега од мечот на Азаил, ќе го убие Јуј; а оној што ќе избега од мечот на Јуј, ќе го убие Елисеј.
- 18
Но Јас оставив во Израел седум илјади луѓе – сите колена што не се поклонија пред Ваал и сите усни што не го бакнаа.“
- 19
Илија тргна оттаму и го најде Елисеј, синот на Сафат, како ора со дванаесет чифта волови пред себе, а самиот беше со дванаесеттиот чифт. Илија помина покрај него и ја фрли својата наметка врз него.
- 20
Елисеј ги остави воловите, потрча по Илија и рече: „Те молам, дозволи ми да ги бакнам својот татко и својата мајка, а потоа ќе те следам.“ Илија му одговори: „Оди, врати се. Што сум ти направил?“
- 21
Елисеј се врати, го зеде чифтот волови и ги закла. Со дрвениот прибор од воловите го свари месото, му го даде на народот и тие јадеа. Потоа стана, тргна по Илија и му служеше.