1 Самоил
Глава 2
- 1
Тогаш Ана се помоли и рече: „Моето срце се радува во Господ; преку Господ се издигна мојата сила. Можам смело да зборувам пред своите непријатели, зашто се радувам на Твоето спасение.
- 2
Никој не е свет како Господ, зашто нема друг освен Тебе; нема карпа како нашиот Бог.
- 3
Не зборувајте повеќе толку горделиво и нека не излегува надменост од вашата уста, зашто Господ е Бог Кој знае сѐ, и Тој ги мери делата.
- 4
Лаковите на силните се скршија, а слабите се препашаа со сила.
- 5
Ситите се најмуваат за леб, а гладните веќе не гладуваат. Неплодната роди седум деца, а онаа што имаше многу деца ослабе.
- 6
Господ усмртува и оживува; спушта во гробот и подигнува од него.
- 7
Господ осиромашува и збогатува; понижува и возвишува.
- 8
Тој го крева сиромашниот од правта и го издигнува бедниот од буништето, за да го постави меѓу владетелите и да му даде престол на чест. Зашто темелите на земјата се Господови, и врз нив Тој го постави светот.
- 9
Тој ќе ги чува чекорите на Своите верни, а безбожниците ќе замолкнат во темнината, зашто човек не победува само со својата сила.
- 10
Оние што Му се спротивставуваат на Господ ќе бидат скршени. Тој ќе загрми против нив од небото. Господ ќе им суди на краиштата на земјата; ќе му даде сила на Својот цар и ќе ја возвиши силата на Својот помазаник.“
- 11
Потоа Елкана си отиде во својот дом во Рама, а детето Самоил Му служеше на Господ пред свештеникот Илиј.
- 12
Но синовите на Илиј беа злобни луѓе и не Го познаваа Господ.
- 13
Свештениците вака постапуваа со народот: кога некој принесуваше жртва и месото се вареше, доаѓаше слугата на свештеникот со трозабна виљушка во раката.
- 14
Ја забодуваше во котелот, тенџерето или садот, и сѐ што ќе извадеше виљушката, свештеникот го земаше за себе. Така постапуваа во Шило со сите Израелци што доаѓаа таму.
- 15
Дури и пред да се изгори маснотијата, слугата на свештеникот доаѓаше и му велеше на човекот што ја принесуваше жртвата: „Дај му на свештеникот сурово месо за печење, зашто нема да прими варено месо од тебе.“
- 16
Ако човекот му речеше: „Нека се изгори најнапред маснотијата, а потоа земи колку што сакаш“, слугата му одговараше: „Не! Дај ми го веднаш, инаку ќе го земам насила.“
- 17
Така гревот на тие млади луѓе беше многу голем пред Господ, зашто тие покажуваа презир кон Господовата жртва.
- 18
Но Самоил служеше пред Господ. Тој беше дете, препашано со ленен ефод.
- 19
Неговата мајка секоја година му правеше мала горна облека и му ја носеше кога доаѓаше со својот маж да ја принесе годишната жртва.
- 20
Илиј ги благословуваше Елкана и неговата жена, велејќи: „Господ нека ви даде потомство од оваа жена наместо детето што Му го посветивте на Господ.“ Потоа тие се враќаа во својот дом.
- 21
Господ ја посети Ана. Таа зачна и роди уште три сина и две ќерки, а детето Самоил растеше пред Господ.
- 22
Илиј беше многу стар. Тој слушаше за сѐ што им правеа неговите синови на сите Израелци, и како спиеја со жените што служеа при влезот на шаторот за средба.
- 23
Тој им рече: „Зошто правите такви работи? Од сиот народ слушам за вашите зли постапки.
- 24
Не, синови мои! Не е добро она што го слушам. Вие го наведувате Господовиот народ на грев.
- 25
Ако човек згреши против друг човек, Бог може да пресуди меѓу нив; но ако човек згреши против Господ, кој ќе се застапи за него?“ Но тие не го послушаа гласот на својот татко, зашто Господ реши да ги погуби.
- 26
А детето Самоил растеше и стекнуваше сѐ поголема наклоност и кај Господ и кај луѓето.
- 27
Тогаш еден Божји човек дојде кај Илиј и му рече: „Вака вели Господ: Зар не му се открив јасно на домот на твојот предок додека беа во Египет, во домот на фараонот?
- 28
Го избрав од сите Израелеви племиња за Мој свештеник: да се качува на Мојот жртвеник, да кади темјан и да носи ефод пред Мене. На домот на твојот предок му ги дадов и сите жртви што Израелевите синови ги принесуваат со оган.
- 29
Зошто ги презирате Моите жртви и приноси што заповедав да се принесуваат во Моето живеалиште? Зошто ги почитуваш своите синови повеќе од Мене и се храните со најдобрите делови од приносите на Мојот народ Израел?
- 30
Затоа Господ, Израелевиот Бог, вели: ‚Навистина реков дека твојот дом и домот на твојот предок ќе одат пред Мене засекогаш.‘ Но сега Господ вели: ‚Тоа е далеку од Мене! Оние што Ме почитуваат ќе ги почитувам, а оние што Ме презираат ќе бидат презрени.
- 31
Ете, доаѓаат денови кога ќе ја скршам твојата сила и силата на домот на твојот предок, така што во твојот дом нема да има старец.
- 32
Ќе гледаш неволја во Моето живеалиште, и покрај сето добро што ќе му го направам на Израел; во твојот дом никогаш повеќе нема да има старец.
- 33
Сепак, нема да ги отстранам сите твои потомци од Мојот жртвеник, за твоите очи да се истрошат од плачење и твојата душа да се нажалува; но сите потомци на твојот дом ќе умираат во најдобрите години.
- 34
Знак за тебе ќе биде она што ќе им се случи на твоите два сина, Офни и Финес: и двајцата ќе умрат во ист ден.
- 35
Ќе си подигнам верен свештеник, кој ќе постапува според Моето срце и Мојата волја. Ќе му изградам траен дом, и тој секогаш ќе оди пред Мојот помазаник.
- 36
Секој што ќе остане од твојот дом ќе доаѓа да му се поклони за малку сребро и за парче леб и ќе вели: „Те молам, постави ме на некоја свештеничка служба, за да јадам парче леб.“‘“