1 Самоил
Глава 3
- 1
Детето Самоил Му служеше на Господ пред Илиј. Во тие денови Господовиот збор беше редок и немаше чести виденија.
- 2
Една ноќ Илиј лежеше на своето место. Неговите очи веќе беа ослабени и не можеше добро да гледа.
- 3
Божјиот светилник сѐ уште не беше изгаснат, а Самоил лежеше во Господовиот храм, каде што беше Божјиот ковчег.
- 4
Тогаш Господ го повика Самоил. Тој одговори: „Еве ме!“
- 5
Истрча кај Илиј и рече: „Еве ме, зашто ме повика.“ Но Илиј рече: „Не те повикав. Врати се и легни.“ Тој се врати и легна.
- 6
Господ повторно го повика: „Самоиле!“ Самоил стана, отиде кај Илиј и рече: „Еве ме, зашто ме повика.“ Но тој одговори: „Не те повикав, сине мој. Врати се и легни.“
- 7
Самоил сѐ уште не Го познаваше Господ и Господовиот збор сѐ уште не му беше откриен.
- 8
Господ го повика Самоил и третпат. Тој стана, отиде кај Илиј и рече: „Еве ме, зашто ме повика.“ Тогаш Илиј разбра дека Господ го повикува детето.
- 9
Затоа Илиј му рече на Самоил: „Оди и легни. Ако те повика повторно, речи: ‚Зборувај, Господи, зашто Твојот слуга слуша.‘“ Самоил отиде и легна на своето место.
- 10
Господ дојде, застана и го повика како претходно: „Самоиле! Самоиле!“ Самоил одговори: „Зборувај, зашто Твојот слуга слуша.“
- 11
Тогаш Господ му рече на Самоил: „Ете, ќе направам нешто во Израел од кое ќе им заѕвонат ушите на сите што ќе чујат.
- 12
Во тој ден ќе исполнам против Илиј сѐ што реков за неговиот дом, од почеток до крај.
- 13
Му објавив дека ќе му судам на неговиот дом засекогаш поради беззаконието за кое знаеше: неговите синови навлекуваа проклетство врз себе, а тој не ги запре.
- 14
Затоа се заколнав за домот на Илиј дека беззаконието на неговиот дом никогаш нема да се очисти ни со жртва ни со принос.“
- 15
Самоил лежеше до утрото, а потоа ги отвори вратите на Господовиот дом. Тој се плашеше да му го каже видението на Илиј.
- 16
Но Илиј го повика и рече: „Самоиле, сине мој!“ Тој одговори: „Еве ме.“
- 17
Илиј го праша: „Што ти рече Господ? Те молам, не криј ништо од мене. Бог нека ти направи така и уште повеќе, ако скриеш од мене нешто од сѐ што ти кажа.“
- 18
Тогаш Самоил му кажа сѐ и не скри ништо. Илиј рече: „Тој е Господ. Нека го направи она што е добро во Неговите очи.“
- 19
Самоил растеше, Господ беше со него и не дозволи ниеден од неговите зборови да остане неисполнет.
- 20
Целиот Израел, од Дан до Вирсавија, разбра дека Самоил е потврден како Господов пророк.
- 21
Господ продолжи да се јавува во Шило, зашто таму му се откриваше на Самоил преку Својот збор.