Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 4

  1. 1

    Зборот на Самоил стигна до целиот Израел. Во тоа време Израел излезе во војна против Филистејците и се улогори кај Евен-Езер, а Филистејците се улогорија кај Афек.

  2. 2

    Филистејците се построија против Израел. Кога започна битката, Израел беше поразен од Филистејците, кои убија околу четири илјади луѓе на бојното поле.

  3. 3

    Кога народот се врати во логорот, Израелевите старешини прашаа: „Зошто Господ дозволи денес да бидеме поразени од Филистејците? Да го донесеме од Шило ковчегот на Господовиот завет, за да биде меѓу нас и да нѐ избави од раката на нашите непријатели.“

  4. 4

    Така народот испрати луѓе во Шило, и оттаму го донесоа ковчегот на заветот на Господ над војските, Кој престојува меѓу херувимите. Со ковчегот на Божјиот завет беа и двајцата синови на Илиј, Офни и Финес.

  5. 5

    Кога ковчегот на Господовиот завет влезе во логорот, целиот Израел извика толку силно што земјата одекна.

  6. 6

    Кога Филистејците го слушнаа силното викање, прашаа: „Што значи ова големо викање во еврејскиот логор?“ Потоа дознаа дека Господовиот ковчег пристигнал во логорот.

  7. 7

    Филистејците се уплашија и рекоа: „Бог дошол во логорот!“ И продолжија: „Тешко нам! Вакво нешто досега не се случило.

  8. 8

    Тешко нам! Кој ќе нѐ избави од раката на овие моќни богови? Тоа се боговите што ги поразија Египќаните со секакви неволји во пустината.

  9. 9

    Охрабрете се и бидете мажи, Филистејци, за да не им станете слуги на Евреите, како што тие ви служеа вам. Бидете мажи и борете се!“

  10. 10

    Филистејците нападнаа и Израел беше поразен. Секој побегна во својот шатор. Поразот беше многу голем: паднаа триесет илјади Израелеви пешаци.

  11. 11

    Божјиот ковчег беше заробен, а двајцата синови на Илиј, Офни и Финес, загинаа.

  12. 12

    Истиот ден еден човек од Венијаминовото племе истрча од бојното поле и стигна во Шило со раскината облека и со прав на главата.

  13. 13

    Кога пристигна, Илиј седеше на својот стол покрај патот и внимателно очекуваше вести, зашто неговото срце трепереше за Божјиот ковчег. Кога човекот влезе во градот и ја соопшти веста, целиот град гласно заплака.

  14. 14

    Илиј го слушна викањето и праша: „Што значи оваа врева?“ Човекот брзо дојде и му ја кажа веста.

  15. 15

    Илиј тогаш имаше деведесет и осум години. Неговите очи беа ослабени и не можеше да гледа.

  16. 16

    Човекот му рече: „Јас доаѓам од бојното поле. Денес побегнав од битката.“ Илиј праша: „Што се случи, сине мој?“

  17. 17

    Гласникот одговори: „Израел побегна пред Филистејците и народот претрпе голем пораз. И двајцата твои синови, Офни и Финес, загинаа, а Божјиот ковчег е заробен.“

  18. 18

    Кога го спомна Божјиот ковчег, Илиј падна наназад од столот покрај портата, го скрши вратот и умре, зашто беше стар и тежок човек. Тој му судеше на Израел четириесет години.

  19. 19

    Неговата снаа, жената на Финес, беше бремена и близу до породување. Кога слушна дека Божјиот ковчег е заробен и дека нејзиниот свекор и нејзиниот маж умреле, се превитка и роди, зашто ја фатија породилните болки.

  20. 20

    Додека умираше, жените што стоеја покрај неа ѝ рекоа: „Не плаши се, зашто роди син.“ Но таа не одговори и не обрна внимание.

  21. 21

    На детето му го даде името Ихавод, велејќи: „Славата си замина од Израел“, поради заробувањето на Божјиот ковчег и поради смртта на нејзиниот свекор и нејзиниот маж.

  22. 22

    Таа рече: „Славата си замина од Израел, зашто Божјиот ковчег е заробен.“