Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 5

  1. 1

    Откако го заробија Божјиот ковчег, Филистејците го однесоа од Евен-Езер во Азот.

  2. 2

    Го зедоа Божјиот ковчег, го внесоа во храмот на Дагон и го поставија покрај Дагон.

  3. 3

    Следното утро, кога жителите на Азот станаа рано, го видоа Дагон паднат ничкум на земјата пред Господовиот ковчег. Го кренаа Дагон и го вратија на неговото место.

  4. 4

    Но кога следното утро станаа рано, Дагон повторно лежеше ничкум на земјата пред Господовиот ковчег. Главата на Дагон и двете негови дланки беа отсечени и лежеа на прагот; остана само неговиот труп.

  5. 5

    Затоа до денес ни свештениците на Дагон ни оние што влегуваат во неговиот храм во Азот не стапнуваат на прагот.

  6. 6

    Но Господовата рака силно ги притисна жителите на Азот. Тој ги опустоши и ги порази со болни отоци и нив и луѓето од околината.

  7. 7

    Кога жителите на Азот видоа што се случува, рекоа: „Ковчегот на Израелевиот Бог не смее да остане кај нас, зашто Неговата рака тешко се спушти врз нас и врз нашиот бог Дагон.“

  8. 8

    Ги собраа сите филистејски владетели и ги прашаа: „Што да правиме со ковчегот на Израелевиот Бог?“ Тие одговорија: „Ковчегот на Израелевиот Бог нека биде пренесен во Гет.“ Така го пренесоа во Гет.

  9. 9

    Но откако го пренесоа, Господовата рака дојде врз градот со многу големо уништување. Тој ги порази жителите на градот, од најмалиот до најголемиот, и на нив им се појавија болни отоци.

  10. 10

    Затоа го испратија Божјиот ковчег во Акарон. Но кога Божјиот ковчег влезе во Акарон, жителите извикаа: „Го донесоа ковчегот на Израелевиот Бог кај нас за да нѐ погуби нас и нашиот народ!“

  11. 11

    Тогаш ги собраа сите филистејски владетели и рекоа: „Испратете го ковчегот на Израелевиот Бог назад на неговото место, за да не нѐ погуби нас и нашиот народ.“ Зашто низ целиот град имаше смртоносно уништување и Божјата рака многу тешко притискаше врз него.

  12. 12

    Оние што не умреа беа поразени со болни отоци, а викот од градот се издигна до небото.