Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 21

  1. 1

    Давид дојде во Ноб кај свештеникот Ахимелех. Ахимелех со страв излезе да го пречека и го праша: „Зошто си сам и нема никој со тебе?“

  2. 2

    Давид му одговори на свештеникот Ахимелех: „Царот ми довери една работа и ми рече: ‚Никој да не знае ништо за работата за која те испраќам и која ти ја заповедав.‘ А на своите момци им определив да се сретнеме на едно место.

  3. 3

    Сега, што имаш при рака? Дај ми пет леба или што и да се најде.“

  4. 4

    Свештеникот му одговори на Давид: „Немам при рака обичен леб, туку само осветен леб – ако момците се воздржувале од жени.“

  5. 5

    Давид му одговори на свештеникот: „Навистина, жените се далеку од нас веќе три дена, откако тргнавме. Телата на момците се чисти. Иако патувањето е обично, денес тие се чисти.“

  6. 6

    Тогаш свештеникот му го даде осветениот леб, зашто таму немаше друг леб освен лебовите поставени пред Господ, кои беа тргнати за да се заменат со топли лебови истиот ден.

  7. 7

    Тој ден таму, задржан пред Господ, беше еден од Сауловите слуги, по име Доик, Едомец, главен над Сауловите пастири.

  8. 8

    Давид го праша Ахимелех: „Немаш ли тука при рака копје или меч? Не го зедов со себе ни својот меч ни оружјето, зашто царската работа беше итна.“

  9. 9

    Свештеникот одговори: „Тука е мечот на Филистеецот Голијат, кого го уби во долината Ила. Завиткан е во платно зад ефодот. Ако сакаш да го земеш, земи го, зашто тука нема друг меч.“ Давид рече: „Нема друг како него; дај ми го.“

  10. 10

    Истиот ден Давид стана, побегна од Саул и дојде кај гетскиот цар Анхус.

  11. 11

    Слугите на Анхус му рекоа: „Зар ова не е Давид, царот на земјата? Зар за него не пееја играјќи: ‚Саул уби илјадници, а Давид десетици илјади‘?“

  12. 12

    Давид ги зеде при срце овие зборови и многу се уплаши од гетскиот цар Анхус.

  13. 13

    Затоа го промени своето однесување пред нив и се преправаше дека е безумен додека беше во нивни раце. Гребеше по вратите на портата и оставаше плунката да му тече по брадата.

  14. 14

    Тогаш Анхус им рече на своите слуги: „Ете, гледате дека човекот е безумен. Зошто го доведовте кај мене?

  15. 15

    Зар немам доволно безумни луѓе, па ми го доведовте и овој да прави безумства пред мене? Зар таков човек ќе влезе во мојот дом?“