Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 22

  1. 1

    Давид замина оттаму и побегна во пештерата Одолам. Кога слушнаа неговите браќа и целиот дом на неговиот татко, слегоа таму кај него.

  2. 2

    Кај него се собраа сите што беа во неволја, сите задолжени и сите огорчени. Давид им стана водач, а со него имаше околу четиристотини мажи.

  3. 3

    Оттаму Давид отиде во Масфа Моавска и му рече на моавскиот цар: „Те молам, дозволи им на мојот татко и на мојата мајка да престојуваат кај вас, додека не дознаам што ќе направи Бог со мене.“

  4. 4

    Ги доведе пред моавскиот цар, и тие останаа кај него сето време додека Давид беше во утврденото место.

  5. 5

    Но пророкот Гад му рече на Давид: „Не останувај во утврденото место. Оди во Јудината земја.“ Тогаш Давид замина и дојде во шумата Арет.

  6. 6

    Саул слушна дека биле откриени Давид и луѓето што беа со него. Во тоа време Саул седеше во Гаваја, под дрвото во Рама, со копјето во раката, а сите негови слуги стоеја околу него.

  7. 7

    Саул им рече на своите слуги што стоеја околу него: „Слушајте, Венијаминовци! Зар Есеевиот син на сите ќе ви даде ниви и лозја? Зар сите ќе ве постави за илјадници и стотници?

  8. 8

    Зошто сите сте се здружиле против мене? Никој не ми кажа дека мојот син склучил завет со Есеевиот син. Никој од вас не се сожалува на мене и не ми открива дека мојот син го поттикнал мојот слуга да ми поставува заседа, како што е денес.“

  9. 9

    Тогаш Доик, Едомецот, кој стоеше со Сауловите слуги, одговори: „Го видов Есеевиот син кога дојде во Ноб кај Ахимелех, синот на Ахитов.

  10. 10

    Ахимелех се допраша до Господ за него, му даде храна и му го даде мечот на Филистеецот Голијат.“

  11. 11

    Тогаш царот испрати да го повикаат свештеникот Ахимелех, синот на Ахитов, и целиот дом на неговиот татко – свештениците што беа во Ноб. Сите дојдоа кај царот.

  12. 12

    Саул рече: „Слушај, сине Ахитовов!“ Тој одговори: „Еве ме, господару мој.“

  13. 13

    Саул го праша: „Зошто сте се здружиле против мене, ти и Есеевиот син? Ти му даде леб и меч и се допраша до Бог за него, за да се крене против мене и да ми поставува заседа, како што е денес.“

  14. 14

    Ахимелех му одговори на царот: „Кој меѓу сите твои слуги е толку верен како Давид? Тој е царев зет, оди по твоја заповед и е почитуван во твојот дом.

  15. 15

    Зар денес првпат се допрашав до Бог за него? Далеку од мене такво нешто! Нека царот не му припишува вина на својот слуга ниту на целиот дом на мојот татко, зашто твојот слуга не знаеше ништо за ова – ни малку ни многу.“

  16. 16

    Но царот рече: „Сигурно ќе умреш, Ахимелех, ти и целиот дом на твојот татко!“

  17. 17

    Потоа царот им нареди на стражарите што стоеја околу него: „Свртете се и убијте ги Господовите свештеници, зашто и нивната рака е со Давид. Знаеја дека бега, а не ми кажаа.“ Но царевите слуги не сакаа да кренат рака против Господовите свештеници.

  18. 18

    Тогаш царот му рече на Доик: „Сврти се ти и нападни ги свештениците!“ Доик, Едомецот, се сврте и ги нападна свештениците. Тој ден уби осумдесет и пет мажи што носеа ленен ефод.

  19. 19

    И Ноб, свештеничкиот град, го порази со острицата на мечот: мажи и жени, деца и доенчиња, волови, магариња и овци – сѐ погуби со меч.

  20. 20

    Но еден од синовите на Ахимелех, синот на Ахитов, по име Авијатар, се спаси и побегна кај Давид.

  21. 21

    Авијатар му јави на Давид дека Саул ги убил Господовите свештеници.

  22. 22

    Тогаш Давид му рече на Авијатар: „Уште оној ден, кога Доик Едомецот беше таму, знаев дека сигурно ќе му каже на Саул. Јас сум виновен за смртта на целиот дом на твојот татко.

  23. 23

    Остани со мене и не плаши се. Оној што го бара мојот живот, го бара и твојот. Кај мене ќе бидеш безбеден.“