1 Самоил
Глава 23
- 1
Му јавија на Давид: „Ете, Филистејците војуваат против Кеила и ги ограбуваат гумната.“
- 2
Тогаш Давид се допраша до Господ: „Да одам ли и да ги поразам овие Филистејци?“ Господ му одговори: „Оди, порази ги Филистејците и избави ја Кеила.“
- 3
Но Давидовите луѓе му рекоа: „Ете, и овде во Јуда се плашиме. Колку повеќе ќе се плашиме кога ќе одиме во Кеила против филистејските војски!“
- 4
Затоа Давид повторно се допраша до Господ. Господ му одговори: „Стани и слези во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твојата рака.“
- 5
Давид отиде со своите луѓе во Кеила, војуваше против Филистејците, го одведе нивниот добиток и им нанесе голем пораз. Така Давид ги избави жителите на Кеила.
- 6
Кога Авијатар, синот на Ахимелех, побегна кај Давид во Кеила, со себе го донесе ефодот.
- 7
На Саул му јавија дека Давид дошол во Кеила. Саул рече: „Бог го предаде во мојата рака, зашто самиот се затвори кога влезе во град со порти и резиња.“
- 8
Тогаш Саул го повика целиот народ во војна, да слезат во Кеила и да ги опколат Давид и неговите луѓе.
- 9
Кога Давид дозна дека Саул подготвува зло против него, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го ефодот.“
- 10
Потоа Давид рече: „Господи, Израелев Боже! Твојот слуга сигурно слушна дека Саул сака да дојде во Кеила и да го разори градот поради мене.
- 11
Ќе ме предадат ли жителите на Кеила во неговата рака? Ќе слезе ли Саул, како што слушна Твојот слуга? Господи, Израелев Боже, те молам, кажи му на Својот слуга!“ Господ одговори: „Ќе слезе.“
- 12
Тогаш Давид праша: „Ќе ме предадат ли жителите на Кеила, мене и моите луѓе, во раката на Саул?“ Господ одговори: „Ќе ве предадат.“
- 13
Тогаш Давид и неговите луѓе, околу шестотини души, станаа, излегоа од Кеила и одеа каде што можеа. Кога му јавија на Саул дека Давид избегал од Кеила, тој се откажа од походот.
- 14
Давид престојуваше во пустината, во недостапни места, и остана во планинскиот предел на пустината Зиф. Саул го бараше секој ден, но Бог не го предаде во неговата рака.
- 15
Давид виде дека Саул излегол да му го бара животот. Во тоа време Давид беше во пустината Зиф, во шумата.
- 16
Тогаш Јонатан, Сауловиот син, стана и отиде кај Давид во шумата. Го охрабри да се надева на Бог
- 17
и му рече: „Не плаши се, зашто раката на мојот татко Саул нема да те најде. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор по тебе. И мојот татко Саул го знае тоа.“
- 18
Тие двајцата склучија завет пред Господ. Давид остана во шумата, а Јонатан се врати во својот дом.
- 19
Потоа Зифците дојдоа кај Саул во Гаваја и рекоа: „Зар Давид не се крие кај нас во недостапните места во шумата, на ридот Ахила, јужно од пустината?
- 20
Затоа сега, царе, слези кога и да посака твојата душа. Наша работа ќе биде да го предадеме во царевата рака.“
- 21
Саул им рече: „Господ нека ве благослови, зашто се сожаливте на мене.
- 22
Одете, истражете уште поточно и дознајте каде се движи и кој го видел таму, зашто ми велат дека е многу лукав.
- 23
Разгледајте и дознајте ги сите скришни места во кои се крие. Потоа вратете се кај мене со сигурна вест, и јас ќе одам со вас. Ако е во земјата, ќе го пребарам меѓу сите Јудини илјади.“
- 24
Тие станаа и отидоа во Зиф пред Саул. А Давид и неговите луѓе беа во пустината Маон, во рамнината јужно од пустината.
- 25
Саул и неговите луѓе тргнаа да го бараат. Кога му јавија на Давид, тој слезе кон карпата и остана во пустината Маон. Саул го слушна тоа и го гонеше Давид во пустината Маон.
- 26
Саул одеше по едната страна на ридот, а Давид и неговите луѓе по другата. Давид брзаше да избега од Саул, додека Саул и неговите луѓе ги опкружуваа Давид и неговите луѓе за да ги фатат.
- 27
Но кај Саул дојде гласник и рече: „Побрзај и дојди, зашто Филистејците ја нападнаа земјата!“
- 28
Тогаш Саул престана да го гони Давид и тргна против Филистејците. Затоа она место го нарекоа Карпа на разделбата.
- 29
Потоа Давид се искачи оттаму и престојуваше во недостапните места кај Ен-Геди.