Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 24

  1. 1

    Кога Саул се врати од гонењето на Филистејците, му јавија: „Ете, Давид е во пустината Ен-Геди.“

  2. 2

    Тогаш Саул зеде три илјади избрани мажи од целиот Израел и отиде да ги бара Давид и неговите луѓе по Карпите на дивите кози.

  3. 3

    Дојде до овчарските трла покрај патот, каде што имаше пештера. Саул влезе во неа за да ја изврши својата потреба, а Давид и неговите луѓе седеа длабоко во пештерата.

  4. 4

    Луѓето му рекоа на Давид: „Еве го денот за кој Господ ти рече: ‚Ете, ќе го предадам твојот непријател во твојата рака, па ќе му направиш како што сметаш дека е добро.‘“ Давид стана и тивко го пресече работ на Сауловата наметка.

  5. 5

    Но потоа совеста го осуди Давид затоа што го пресече работ на Сауловата наметка.

  6. 6

    Тој им рече на своите луѓе: „Господ нека ме зачува да му направам такво нешто на мојот господар, на Господовиот помазаник, и да кренам рака против него, зашто тој е Господов помазаник.“

  7. 7

    Со овие зборови Давид ги воздржа своите луѓе и не им дозволи да го нападнат Саул. Саул стана, излезе од пештерата и си продолжи по патот.

  8. 8

    Потоа и Давид стана, излезе од пештерата и повика по Саул: „Господару мој, царе!“ Кога Саул погледна назад, Давид се наведна со лицето до земјата и се поклони.

  9. 9

    Давид му рече на Саул: „Зошто ги слушаш зборовите на луѓето што велат: ‚Ете, Давид сака да ти направи зло‘?

  10. 10

    Ете, денес твоите очи видоа дека Господ те предаде во мојата рака во пештерата. Некои ми рекоа да те убијам, но јас те поштедив и реков: ‚Нема да кренам рака против својот господар, зашто тој е Господов помазаник.‘

  11. 11

    Погледни, татко мој, погледни го работ на твојата наметка во мојата рака! Кога го пресеков работ на твојата наметка, а не те убив, разбери и види дека во мојата рака нема зло ни престап. Не згрешив против тебе, а ти го ловиш мојот живот за да ми го одземеш.

  12. 12

    Господ нека суди меѓу мене и тебе и Господ нека ме одмазди од тебе, но мојата рака нема да биде против тебе.

  13. 13

    Како што вели старата поговорка: ‚Од безбожните излегува безбожност.‘ Но мојата рака нема да биде против тебе.

  14. 14

    По кого излегол Израелевиот цар? Кого гониш? Едно мртво куче, една болва!

  15. 15

    Господ нека биде Судија и нека суди меѓу мене и тебе. Нека го види мојот случај, нека ме одбрани и нека ме избави од твојата рака.“

  16. 16

    Кога Давид заврши со овие зборови, Саул праша: „Твојот ли е овој глас, сине мој Давиде?“ И Саул гласно заплака.

  17. 17

    Потоа му рече на Давид: „Ти си поправеден од мене, зашто ми возврати со добро, а јас ти возвраќав со зло.

  18. 18

    Денес покажа колку добро постапуваш со мене: Господ ме предаде во твојата рака, а ти не ме уби.

  19. 19

    Кога некој ќе го најде својот непријател, зар ќе го пушти да си оди по добар пат? Затоа Господ нека ти возврати со добро за она што ми го направи денес.

  20. 20

    Сега, ете, знам дека сигурно ќе бидеш цар и дека Израелевото царство ќе се утврди во твојата рака.

  21. 21

    Затоа заколни ми се сега во Господ дека нема да го истребиш моето потомство по мене и дека нема да го избришеш моето име од домот на мојот татко.“

  22. 22

    Давид му се заколна на Саул. Потоа Саул си отиде дома, а Давид и неговите луѓе се искачија во утврденото место.