Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 25

  1. 1

    Самоил умре. Целиот Израел се собра, го оплакуваше и го погреба кај неговиот дом во Рама. Потоа Давид стана и слезе во пустината Фаран.

  2. 2

    Во Маон имаше еден човек, чиј имот беше во Кармил. Човекот беше многу богат: имаше три илјади овци и илјада кози. Во тоа време ги стрижеше овците во Кармил.

  3. 3

    Човекот се викаше Навал, а неговата жена Авигеја. Жената беше разумна и убава, но човекот беше груб и зол во своите постапки. Тој беше од домот на Халев.

  4. 4

    Давид во пустината слушна дека Навал ги стриже своите овци.

  5. 5

    Тогаш испрати десет момци и им рече: „Одете во Кармил, качете се кај Навал и поздравете го од мое име.

  6. 6

    Кажете му: ‚Мир на тебе, мир на твојот дом и мир на сѐ што имаш!

  7. 7

    Слушнав дека имаш стрижачи. Твоите пастири беа со нас, и ние не ги навредувавме. Ништо не им недостигаше сето време додека беа во Кармил.

  8. 8

    Прашај ги своите момци, и тие ќе ти кажат. Затоа нека најдат моите момци наклоност во твоите очи, зашто дојдовме на празничен ден. Те молам, дај им на своите слуги и на својот син Давид што можеш да дадеш.‘“

  9. 9

    Давидовите момци дојдоа и му ги кажаа на Навал сите овие зборови во името на Давид, а потоа замолкнаа.

  10. 10

    Но Навал им одговори на Давидовите слуги: „Кој е Давид и кој е Есеевиот син? Денес има многу слуги што бегаат од своите господари.

  11. 11

    Зар ќе ги земам својот леб, својата вода и месото што го заклав за своите стрижачи и ќе им ги дадам на луѓе за кои не знам од каде се?“

  12. 12

    Тогаш Давидовите момци се свртеа, се вратија и му ги кажаа сите овие зборови.

  13. 13

    Давид им рече на своите луѓе: „Секој нека го препаша својот меч!“ Секој го препаша својот меч, а и Давид го препаша својот меч. По Давид тргнаа околу четиристотини мажи, а двесте останаа кај товарот.

  14. 14

    Во меѓувреме, еден од момците ѝ кажа на Авигеја, жената на Навал: „Ете, Давид испрати гласници од пустината да го поздрават нашиот господар, но тој ги навреди.

  15. 15

    А тие луѓе беа многу добри со нас. Не нѐ навредуваа и ништо не ни недостигаше сето време додека бевме со нив на полето.

  16. 16

    Тие ни беа како ѕид и ноќе и дење, сето време додека ги пасевме овците во нивна близина.

  17. 17

    Затоа сега размисли и види што ќе направиш, зашто е решено зло против нашиот господар и против целиот негов дом. Тој е толку безумен човек што никој не може да разговара со него.“

  18. 18

    Тогаш Авигеја побрза и зеде двесте леба, два мева вино, пет подготвени овци, пет мери печено жито, сто грозда суво грозје и двесте колачи од смокви. Сето тоа го натовари на магариња.

  19. 19

    Им рече на своите момци: „Одете пред мене, а јас ќе дојдам по вас.“ Но на својот маж Навал не му кажа ништо.

  20. 20

    Додека јаваше на магарето и слегуваше по една скриена страна на ридот, ете, Давид и неговите луѓе слегуваа кон неа, и таа ги сретна.

  21. 21

    А Давид веќе беше рекол: „Залудно чував сѐ што имаше овој човек во пустината, така што ништо не му недостигаше. Тој ми возврати зло за добро.

  22. 22

    Бог нека им направи така на Давидовите непријатели и уште повеќе, ако до утрото му оставам живо макар едно машко!“

  23. 23

    Кога Авигеја го виде Давид, побрза, слезе од магарето, падна со лицето пред Давид и се поклони до земјата.

  24. 24

    Падна пред неговите нозе и рече: „Вината нека биде врз мене, господару мој! Те молам, дозволи ѝ на твојата слугинка да зборува пред тебе и послушај ги нејзините зборови.

  25. 25

    Те молам, мојот господар нека не обрнува внимание на овој зол човек Навал. Какво што му е името, таков е и тој: Навал му е името, а безумството е во него. Јас, твојата слугинка, не ги видов момците на мојот господар што ги испрати.

  26. 26

    Затоа сега, господару мој, како што е жив Господ и како што е жива твојата душа, Господ те задржа од пролевање крв и од одмаздување со својата рака. Нека бидат како Навал твоите непријатели и оние што му сакаат зло на мојот господар.

  27. 27

    А овој дар што твојата слугинка му го донесе на својот господар, нека им биде даден на момците што одат по мојот господар.

  28. 28

    Те молам, прости го престапот на својата слугинка. Господ сигурно ќе му изгради траен дом на мојот господар, зашто мојот господар ги води Господовите војни, а зло не се најде во тебе во сите твои денови.

  29. 29

    Иако некој се кренал да те гони и да го бара твојот живот, животот на мојот господар ќе биде безбедно зачуван кај Господ, твојот Бог. А животот на твоите непријатели Тој ќе го исфрли како камен од праќка.

  30. 30

    Кога Господ ќе му го направи на мојот господар сето добро што го кажа за тебе и ќе те постави за водач над Израел,

  31. 31

    тогаш ова нема да ти биде причина за каење ниту товар на совеста – дека си пролеал невина крв и дека мојот господар сам си се одмаздил. А кога Господ ќе му направи добро на мојот господар, сети се на својата слугинка.“

  32. 32

    Тогаш Давид ѝ рече на Авигеја: „Нека биде благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес да ме пресретнеш!

  33. 33

    Нека биде благословен твојот разум и благословена да си ти, која денес ме задржа од пролевање крв и од одмаздување со својата рака.

  34. 34

    Зашто, како што е жив Господ, Израелевиот Бог, Кој ме задржа да не ти направам зло, ако не побрзаше да ме пресретнеш, до утринската светлина немаше да му остане на Навал ниту едно машко.“

  35. 35

    Давид го прими од нејзината рака она што му го донесе и ѝ рече: „Оди си во мир во својот дом. Ете, ги послушав твоите зборови и ја прифатив твојата молба.“

  36. 36

    Авигеја дојде кај Навал. Тој приредил гозба во својот дом како царска гозба. Срцето му беше весело, зашто беше многу пијан. Затоа до утрото таа не му кажа ништо, ни малку ни многу.

  37. 37

    Наутро, кога Навал се отрезни, неговата жена му раскажа што се случило. Тогаш срцето му замре во него, и тој стана како камен.

  38. 38

    Околу десет дена подоцна Господ го удри Навал, и тој умре.

  39. 39

    Кога Давид слушна дека Навал умрел, рече: „Нека биде благословен Господ, Кој ја одбрани мојата чест од Наваловата навреда и го задржа Својот слуга од зло. Господ го врати Наваловото зло врз неговата глава.“ Потоа Давид испрати луѓе да ѝ предложат на Авигеја да ја земе за жена.

  40. 40

    Давидовите слуги дојдоа кај Авигеја во Кармил и ѝ рекоа: „Давид нѐ испрати кај тебе, за да те земе за жена.“

  41. 41

    Таа стана, се поклони со лицето до земјата и рече: „Еве, твојата слугинка е слугинка подготвена да им ги мие нозете на слугите на својот господар.“

  42. 42

    Авигеја брзо стана, се качи на магаре и тргна со петте свои слугинки што одеа по неа. Таа ги следеше Давидовите гласници и му стана жена.

  43. 43

    Давид ја зеде за жена и Ахиноама од Езраел. Така тие двете му станаа жени.

  44. 44

    А Саул ја беше дал својата ќерка Михала, Давидовата жена, на Фалтиј, синот на Лаис, од Галим.