1 Самоил
Глава 7
- 1
Жителите на Киријат-Јарим дојдоа, го зедоа Господовиот ковчег и го однесоа во куќата на Авинадав на ридот. Неговиот син Елеазар го посветија да се грижи за Господовиот ковчег.
- 2
Од денот кога ковчегот беше поставен во Киријат-Јарим помина долго време - дваесет години. И целиот Израелев дом со жал се сврте кон Господ.
- 3
Тогаш Самоил му рече на целиот Израелев дом: „Ако со сето свое срце се враќате кај Господ, отстранете ги туѓите богови и Астартите од својата средина. Насочете го своето срце кон Господ и служете Му само Нему; тогаш Тој ќе ве избави од раката на Филистејците.“
- 4
Така Израелевите синови ги отстранија Ваалите и Астартите и Му служеа само на Господ.
- 5
Потоа Самоил рече: „Соберете го целиот Израел во Масфа, и јас ќе Му се молам на Господ за вас.“
- 6
Тие се собраа во Масфа, нацрпеа вода и ја излеаја пред Господ. Тој ден постеа и таму признаа: „Згрешивме против Господ.“ А Самоил им судеше на Израелевите синови во Масфа.
- 7
Кога Филистејците чуја дека Израелевите синови се собрале во Масфа, филистејските владетели излегоа против Израел. Кога го слушнаа тоа, Израелевите синови се уплашија од Филистејците.
- 8
Тие му рекоа на Самоил: „Не престанувај да викаш кон Господ, нашиот Бог, за нас, за да нѐ избави од раката на Филистејците.“
- 9
Самоил зеде едно јагне што сѐ уште цицаше и целото Му го принесе на Господ како жртва паленица. Самоил викаше кон Господ за Израел, и Господ му одговори.
- 10
Додека Самоил ја принесуваше жртвата паленица, Филистејците се приближија за да го нападнат Израел. Но тој ден Господ загрми со силен гром против Филистејците, ги збуни и тие беа поразени пред Израел.
- 11
Израелевите мажи излегоа од Масфа, ги гонеа Филистејците и ги поразуваа сѐ до под Вет-Хар.
- 12
Тогаш Самоил зеде еден камен, го постави меѓу Масфа и Сен и го нарече Евен-Езер, велејќи: „Дотука ни помогна Господ.“
- 13
Така Филистејците беа покорени и повеќе не навлегуваа во Израелевите предели. Господовата рака беше против Филистејците во сите денови на Самоил.
- 14
Градовите што Филистејците ги беа одзеле од Израел, од Акарон до Гет, му беа вратени на Израел. Израел ги ослободи и нивните околни области од раката на Филистејците. А меѓу Израел и Аморејците имаше мир.
- 15
Самоил му судеше на Израел во сите денови од својот живот.
- 16
Секоја година ги обиколуваше Ветил, Галгал и Масфа и му судеше на Израел во сите тие места.
- 17
Потоа се враќаше во Рама, зашто таму беше неговиот дом, и таму му судеше на Израел. Таму Му изгради и жртвеник на Господ.