1 Самоил
Глава 8
- 1
Кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии над Израел.
- 2
Неговиот првороден син се викаше Јоил, а вториот Авија. Тие судеа во Вирсавија.
- 3
Но неговите синови не одеа по неговите патишта. Трчаа по неправедна добивка, земаа поткуп и ја извртуваа правдата.
- 4
Тогаш сите Израелеви старешини се собраа и дојдоа кај Самоил во Рама.
- 5
Му рекоа: „Ете, ти остаре, а твоите синови не одат по твоите патишта. Затоа постави ни цар да ни суди, како што имаат сите други народи.“
- 6
Но на Самоил не му беше мило што рекоа: „Дај ни цар да ни суди.“ Затоа Самоил Му се помоли на Господ.
- 7
Господ му рече на Самоил: „Послушај го гласот на народот во сѐ што ти зборува, зашто не те отфрлија тебе, туку Мене Ме отфрлија, за да не царувам над нив.
- 8
Тие постапуваат со тебе како што постапуваа од денот кога ги изведов од Египет до денес: Ме оставаа и им служеа на други богови.
- 9
Затоа сега послушај го нивниот глас. Но сериозно предупреди ги и кажи им какви права ќе бара царот што ќе владее над нив.“
- 10
Самоил му ги кажа сите Господови зборови на народот што бараше цар од него.
- 11
Тој рече: „Вака ќе постапува царот што ќе владее над вас: ќе ги зема вашите синови и ќе ги поставува кај своите бојни коли и кај своите коњи, а некои ќе трчаат пред неговите коли.
- 12
Ќе ги поставува за заповедници над илјада и над педесет луѓе. Ќе ги тера да му ја обработуваат земјата, да му ја жнеат жетвата и да му изработуваат воено оружје и опрема за бојните коли.
- 13
Ќе ги зема вашите ќерки за да прават мирисливи масла, да готват и да печат леб.
- 14
Ќе ги зема вашите најдобри ниви, лозја и маслинови насади и ќе им ги дава на своите слуги.
- 15
Ќе зема десетина од вашите посеви и лозја и ќе им ја дава на своите дворјани и слуги.
- 16
Ќе ги зема вашите слуги и слугинки, вашите најдобри млади луѓе и вашите магариња и ќе ги употребува за својата работа.
- 17
Ќе зема десетина од вашите стада, а вие ќе му бидете слуги.
- 18
Во тој ден ќе викате поради царот што самите сте го избрале, но Господ нема да ви одговори во тој ден.“
- 19
Сепак, народот не сакаше да го послуша гласот на Самоил и рече: „Не! Нека има цар над нас,
- 20
за и ние да бидеме како сите други народи. Нашиот цар нека ни суди, нека оди пред нас и нека ги води нашите војни.“
- 21
Самоил ги сослуша сите зборови на народот и Му ги повтори на Господ.
- 22
Господ му рече на Самоил: „Послушај го нивниот глас и постави им цар.“ Тогаш Самоил им рече на Израелевите мажи: „Вратете се секој во својот град.“