Прескокни кон главната содржина

1 Солунјаните

Глава 2

  1. 1

    Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кај вас не беше залудно.

  2. 2

    Напротив, иако порано пострадавме и бевме навредувани во Филипи, како што веќе знаете, од нашиот Бог добивме смелост да ви го проповедаме Божјото Евангелие сред големо противење.

  3. 3

    Зашто нашето поттикнување не е од заблуда ни од нечистотија, ниту со измама,

  4. 4

    туку зборуваме како луѓе што Бог ги сметаше за достојни да им го довери Евангелието, не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бог, Кој ги испитува нашите срца.

  5. 5

    Зашто, како што знаете, никогаш не настапивме со ласкави зборови ниту ја прикривавме алчноста зад изговори; Бог е сведок за тоа,

  6. 6

    ниту баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите.

  7. 7

    Иако како Христови апостоли можевме да бидеме товар, сепак бевме како мали деца меѓу вас. Како доилка што нежно се грижи за своите деца,

  8. 8

    па така, полни со љубов кон вас сакавме да го споделиме со вас не само Божјото Евангелие, туку и своите животи, зашто ни станавте многу мили.

  9. 9

    Вие, браќа, се сеќавате на нашиот труд и мака: работевме ноќе и дење за да не бидеме товар на никого од вас, додека ви го проповедавме Божјото Евангелие.

  10. 10

    Вие сте сведоци, а и Бог е сведок дека свето, праведно и беспрекорно се однесувавме кон вас, верниците.

  11. 11

    Како што знаете, со секој од вас постапувавме како татко со своите деца,

  12. 12

    ве поттикнувавме, охрабрувавме и усрдно ве повикувавме да живеете достојно за Бог, Кој ве повикува во Своето Царство и слава.

  13. 13

    Затоа и ние непрестајно Му благодариме на Бог, зашто кога го примивте Божјиот Збор што го слушнавте од нас, го примивте не како човечки збор, туку како Божји Збор, што навистина е, и кој дејствува во вас, верниците.

  14. 14

    Зашто вие, браќа, се угледавте на Божјите цркви во Христос Исус, кои се во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Евреите,

  15. 15

    кои Го убија Господ Исус и пророците, а нас нѐ прогонија. Тие не Му угодуваат на Бог и им се противат на сите луѓе,

  16. 16

    и ни забрануваат да им зборуваме на незнабожците, за да не се спасат, со што секогаш ја дополнуваат мерата на своите гревови. Но гневот конечно ги стигна!

  17. 17

    А ние, браќа, откако за кратко време бевме одделени од вас – телесно, но не и во срцето – уште посилно копнеевме да ве видиме.

  18. 18

    Затоа сакавме да дојдеме кај вас – јас, Павле, повеќе од еднаш – но сатаната нѐ спречи.

  19. 19

    Зашто кој е нашата надеж, радост или венец со кој се гордееме? Зар не сте вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање?

  20. 20

    Зашто вие сте нашата слава и нашата радост.