1 Солунјаните
Глава 4
- 1
Најпосле, браќа, ве молиме и ве поттикнуваме во Господ Исус: како што примивте од нас упатства како треба да живеете и да Му угодувате на Бог, и како што веќе живеете, така напредувајте уште повеќе.
- 2
Имено, знаете какви упатства ви дадовме во името на Господ Исус.
- 3
Зашто Божјата волја е вашето осветување: да се воздржувате од блудство,
- 4
секој од вас да знае да го владее своето тело во светост и чест,
- 5
не во похотна страст, како незнабожците кои не Го познаваат Бог;
- 6
никој во ова да не му прави неправда на својот брат ниту да го искористува, зашто Господ е Тој Кој казнува за сето тоа, како што однапред ви кажавме и сериозно ве предупредивме.
- 7
Зашто Бог не нѐ повика на нечистотија, туку на светост.
- 8
Затоа, кој го отфрла тоа, не отфрла човек, туку Бог, Кој ви Го дава Својот Свет Дух.
- 9
А за братската љубов нема потреба да ви пишувам, зашто Самиот Бог ве научи да се љубите едни со други,
- 10
а вие го правите тоа кон сите браќа во цела Македонија. Но ве молиме, браќа, уште повеќе да напредувате во тоа
- 11
и да се стремите да живеете мирно, да се грижите за своите работи и да работите со своите раце, како што ви заповедавме,
- 12
за да се однесувате достоинствено пред оние што се надвор и да не зависите од никого.
- 13
Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за починатите, за да не жалите како другите кои немаат надеж.
- 14
Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог, преку Исус, ќе ги доведе со Него и оние што починаа.
- 15
Ова ви го кажуваме според Господовиот збор: ние, живите, кои ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да имаме предност пред оние што починаа;
- 16
Зашто Самиот Господ ќе слезе од небото со заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и најнапред ќе воскреснат мртвите во Христос.
- 17
Потоа ние, живите, кои ќе останеме, ќе бидеме грабнати заедно со нив во облаците, за да Го сретнеме Господ во воздухот. И така засекогаш ќе бидеме со Господ.
- 18
Затоа, утешувајте се еден со друг со овие зборови.