1 Солунјаните
Глава 5
- 1
А за времињата и периодите, браќа, нема потреба да ви се пишува;
- 2
зашто самите вие добро знаете дека Господовиот Ден ќе дојде како крадец во ноќта.
- 3
Кога ќе велат: „Мир и безбедност“, тогаш ненадејно ќе дојде пропаст врз нив, како породилни болки врз бремена жена, и нема да можат да избегаат.
- 4
Но вие, браќа, не сте во темнина, та Денот да ве затече како крадец,
- 5
зашто сите вие сте синови на светлината и синови на денот. Ние не ѝ припаѓаме на ноќта ниту на темнината.
- 6
И така, да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени.
- 7
Зашто оние што спијат, спијат ноќе, а оние што се опиваат, ноќе се опиваат.
- 8
А ние кои му припаѓаме на денот, да бидеме трезвени, облекувајќи го оклопот на верата и љубовта, а како шлем – надежта на спасението.
- 9
Зашто Бог не нѐ определи за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
- 10
Кој умре за нас за да живееме заедно со Него, без разлика дали сме будни или спиеме.
- 11
Затоа охрабрувајте се меѓусебно и изградувајте се едни со други, токму така како што и правите!
- 12
Ве молиме, браќа, да ги почитувате оние што вредно работат меѓу вас, ве предводат во Господ и ве опоменуваат.
- 13
Имајте ги во особена почит и љубов поради нивното дело. Живејте во мир едни со други.
- 14
Ве молиме уште, браќа, опоменувајте ги неуредните, охрабрувајте ги малодушните, помагајте им на немоќните и бидете трпеливи со сите луѓе.
- 15
Гледајте никој никому да не враќа зло за зло, туку секогаш стремете се кон доброто едни за други и за сите луѓе!
- 16
Радувајте се секогаш,
- 17
молете се постојано,
- 18
во сѐ благодарете, зашто тоа е Божјата волја за вас во Христос Исус.
- 19
Не гаснете го Духот.
- 20
Не презирајте ги пророштвата,
- 21
туку испитувајте сѐ и држете се за доброто.
- 22
Воздржувајте се од секој вид зло.
- 23
А Самиот Бог на мирот да ве освети целосно; и вашиот дух, душа и тело во целост да бидат запазени беспрекорни при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос.
- 24
Верен е Оној Кој ве повикува; Тој и ќе го изврши тоа.
- 25
Браќа, молете се за нас!
- 26
Поздравете ги сите браќа со свет бакнеж!
- 27
Ве заколнувам во Господ ова послание да им го прочитате на сите браќа.
- 28
Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вас!