Прескокни кон главната содржина

2 Солунјаните

Глава 1

  1. 1

    Павле, Силван и Тимотеј, до црквата на Солунјаните, која е во нашиот Бог и Татко и во Господ Исус Христос:

  2. 2

    благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.

  3. 3

    Должни сме секогаш да Му благодариме на Бог за вас, браќа, како што и прилега, зашто вашата вера расте сѐ повеќе, а љубовта на секој од вас кон сите други изобилува.

  4. 4

    Затоа ние самите се фалиме со вас во Божјите цркви поради вашата постојаност и вера при сите прогонства и маки што ги поднесувате.

  5. 5

    Тоа е јасен доказ за праведниот Божји суд, за да бидете удостоени со Божјото царство, за кое и страдате.

  6. 6

    Зашто праведно е пред Бог да им возврати со неволја на оние што ве мачат,

  7. 7

    а вам, кои сте мачени, да ви даде одмор заедно со нас, кога Господ Исус ќе се открие од небото со Своите моќни ангели,

  8. 8

    во пламенен оган и ќе ги казни оние што не Го познаваат Бог и не Му се покоруваат на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос.

  9. 9

    Тие ќе претрпат казна – вечна погибел, далеку од Господовото присуство и од славата на Неговата моќ,

  10. 10

    кога Тој ќе дојде во оној ден за да биде прославен меѓу Своите свети и да Му се восхитуваат сите што поверувале. Меѓу нив ќе бидете и вие, зашто му поверувавте на нашето сведоштво.

  11. 11

    Затоа секогаш се молиме за вас, нашиот Бог да ве смета достојни за Својот повик и со сила да ја исполни секоја ваша добра желба и секое дело на верата,

  12. 12

    за да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие да се прославите во Него, по благодатта на нашиот Бог и Господ Исус Христос.