Прескокни кон главната содржина

2 Солунјаните

Глава 2

  1. 1

    А во врска со доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање кај Него, ве молиме, браќа,

  2. 2

    да не се поколебате брзо во мислите ниту да се вознемирите, било преку дух, било преку збор, било преку писмо што наводно е од нас, како Господовиот ден веќе да дошол.

  3. 3

    Никој да не ве измами на никаков начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на беззаконието, синот на погибелта,

  4. 4

    кој се противи и се воздигнува над сѐ што се нарекува Бог или предмет на обожување, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси како Бог.

  5. 5

    Зар не се сеќавате дека ви го кажував ова уште додека бев кај вас?

  6. 6

    А сега знаете што го задржува, за да биде откриен во своето време.

  7. 7

    Зашто тајната на беззаконието веќе дејствува; само оној што сега го задржува ќе го прави тоа сѐ додека не биде отстранет од средината.

  8. 8

    Тогаш ќе се открие беззаконикот, кого Господ Исус ќе го погуби со здивот на Својата уста и ќе го уништи со блесокот на Своето доаѓање.

  9. 9

    Доаѓањето на беззаконикот, по дејството на сатаната, ќе биде со секаква сила, знаци и лажни чуда,

  10. 10

    и со секаква неправедна измама меѓу оние што пропаѓаат, затоа што не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат.

  11. 11

    Затоа Бог им испраќа дејство на заблуда, за да поверуваат во лагата,

  12. 12

    за да бидат осудени сите што не поверуваа во вистината, туку ја засакаа неправдата.

  13. 13

    А ние сме должни секогаш да Му благодариме на Бог за вас, браќа, возљубени од Господ, зашто Бог ве избра од почетокот за спасение преку осветувањето од Духот и верата во вистината.

  14. 14

    За тоа ве повика преку нашето Евангелие, за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос.

  15. 15

    Затоа, браќа, стојте цврсто и држете се до учењата што ви ги предадовме, било усно, било преку нашето послание.

  16. 16

    А Самиот наш Господ Исус Христос и Бог, нашиот Татко, Кој нѐ засака и преку благодат ни даде вечна утеха и добра надеж,

  17. 17

    нека ги утеши вашите срца и нека ве зацврсти во секое добро дело и во секој добар збор.