Прескокни кон главната содржина

2 Солунјаните

Глава 3

  1. 1

    Најпосле, браќа, молете се за нас, за Господовиот Збор брзо да се шири и да се прославува, како и меѓу вас,

  2. 2

    и да се избавиме од неразумни и злобни луѓе, бидејќи не сите имаат вера.

  3. 3

    Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот.

  4. 4

    Ние сме уверени за вас во Господ дека го извршувате и дека ќе го извршувате она што ви го заповедаме.

  5. 5

    А Господ нека ги насочи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение.

  6. 6

    Браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос ви заповедаме да се оддалечувате од секој брат што живее неуредно, а не според предаденото учење што го примивте од нас.

  7. 7

    Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно меѓу вас,

  8. 8

    ниту јадевме ничиј леб бесплатно, туку работевме со труд и мака, ноќе и дење, за да не бидеме товар на никого од вас.

  9. 9

    Не затоа што немаме право, туку за самите да ви послужиме како пример што треба да го следите.

  10. 10

    Зашто, кога бевме меѓу вас, ви го заповедавме ова: кој не сака да работи, нека и не јаде.

  11. 11

    Но слушаме дека некои од вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се мешаат во туѓи работи;

  12. 12

    На таквите им заповедаме и ги охрабруваме во Господ Исус Христос мирно да работат и да си го јадат својот леб.

  13. 13

    А вие, браќа, не уморувајте се да правите добро.

  14. 14

    Ако некој не го послуша она што го кажуваме во ова послание, забележете го и не дружете се со него, за да се посрами.

  15. 15

    Но не сметајте го за непријател, туку опоменувајте го како брат.

  16. 16

    Самиот Господ на мирот нека ви дава мир секогаш и на секој начин. Господ нека биде со сите вас.

  17. 17

    Овој поздрав го пишувам јас, Павле, своерачно. Тоа е белег во секое мое послание; вака пишувам.

  18. 18

    Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас.