Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 17

  1. 1

    Наместо Аса се зацари неговиот син Јосафат, кој ја зацврсти својата власт против Израел.

  2. 2

    Постави воени сили во сите утврдени Јудини градови и гарнизони во Јудината земја и во Ефремовите градови што ги освои неговиот татко Аса.

  3. 3

    Господ беше со Јосафат, зашто одеше по поранешните патишта на својот предок Давид и не ги бараше Вааловците.

  4. 4

    Тој Го бараше Бог на својот татко и одеше според Неговите заповеди, а не според делата на Израел.

  5. 5

    Затоа Господ го утврди царството во неговата рака. Целиот Јуда му носеше дарови на Јосафат, и тој имаше големо богатство и слава.

  6. 6

    Неговото срце се охрабри на Господовите патишта, па ги отстрани од Јуда високите места и ашерите.

  7. 7

    Во третата година од своето царување ги испрати своите водачи Венхаил, Авдија, Захарија, Натанаил и Михаја да поучуваат во Јудините градови.

  8. 8

    Со нив ги испрати левитите Семаја, Натанија, Зевадија, Асаил, Семирамот, Јонатан, Адонија, Товија и Тов-Адонија, а со нив и свештениците Елисама и Јорам.

  9. 9

    Тие поучуваа во Јуда, носејќи ја со себе Книгата на Господовиот закон. Ги обиколуваа сите Јудини градови и го поучуваа народот.

  10. 10

    Господов страв ги обзеде сите царства во земјите околу Јуда, па не војуваа против Јосафат.

  11. 11

    Некои од Филистејците му носеа на Јосафат дарови и сребро како данок, а Арапите му донесоа стада: седум илјади и седумстотини овни и седум илјади и седумстотини јарци.

  12. 12

    Јосафат стануваше сѐ помоќен. Во Јуда изгради тврдини и градови за складишта.

  13. 13

    Имаше големи залихи во Јудините градови, а во Ерусалим имаше храбри воини.

  14. 14

    Ова е нивниот број според нивните татковски домови. Од Јуда, заповедници над илјада: заповедникот Адна, а со него триста илјади храбри воини;

  15. 15

    по него заповедникот Јоанан, а со него двесте и осумдесет илјади;

  16. 16

    по него Амасија, синот на Зихриј, кој доброволно Му се посвети на Господ, а со него двесте илјади храбри воини.

  17. 17

    Од Венијамин: Елијада, храбар воин, а со него двесте илјади вооружени со лакови и штитови;

  18. 18

    по него Јозавад, а со него сто и осумдесет илјади вооружени за војна.

  19. 19

    Овие му служеа на царот, покрај оние што царот ги постави во утврдените градови низ цела Јуда.