Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 18

  1. 1

    Јосафат имаше големо богатство и слава и се сроди со Ахав преку брак.

  2. 2

    По неколку години слезе кај Ахав во Самарија. Ахав закла многу овци и говеда за него и за народот што беше со него и го наговоруваше да тргне со него против Рамот-Галаад.

  3. 3

    Израелевиот цар Ахав го праша јудејскиот цар Јосафат: „Ќе дојдеш ли со мене во Рамот-Галаад?“ Тој му одговори: „Јас сум како тебе, мојот народ е како твојот народ; ќе бидеме со тебе во војната.“

  4. 4

    Но Јосафат му рече на Израелевиот цар: „Те молам, најнапред распрашај се за Господовиот збор.“

  5. 5

    Тогаш Израелевиот цар собра четиристотини пророци и ги праша: „Да одиме ли во војна против Рамот-Галаад или да не одам?“ Тие одговорија: „Оди, зашто Бог ќе го предаде во раката на царот.“

  6. 6

    Но Јосафат праша: „Нема ли тука уште некој Господов пророк, преку кого би можеле да се распрашаме?“

  7. 7

    Израелевиот цар му одговори на Јосафат: „Има уште еден човек преку кого можеме да се распрашаме од Господ – Михеј, синот на Емла. Но јас го мразам, зашто никогаш не ми пророкува добро, туку секогаш зло.“ Јосафат рече: „Царот нека не зборува така.“

  8. 8

    Тогаш Израелевиот цар повика еден дворски службеник и му рече: „Доведи го веднаш Михеј, синот на Емла.“

  9. 9

    Израелевиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, облечени во царските облеки, на отвореното место кај влезот на самариската порта, а сите пророци пророкуваа пред нив.

  10. 10

    Седекија, синот на Ханана, си направи железни рогови и рече: „Вака вели Господ: ‚Со овие ќе ги бодеш Сиријците додека целосно не ги уништиш.‘“

  11. 11

    И сите пророци пророкуваа исто, велејќи: „Оди во Рамот-Галаад и ќе успееш, зашто Господ ќе го предаде градот во раката на царот.“

  12. 12

    Гласникот што отиде да го повика Михеј му рече: „Еве, зборовите на пророците едногласно му најавуваат добро на царот. Те молам, нека биде и твојот збор како зборот на еден од нив; пророкувај добро.“

  13. 13

    Но Михеј одговори: „Жив е Господ! Ќе го кажам само она што ќе го каже мојот Бог.“

  14. 14

    Кога дојде кај царот, царот го праша: „Михеј, да одиме ли во војна против Рамот-Галаад или да не одам?“ Тој му одговори: „Одете и ќе успеете; тие ќе бидат предадени во вашите раце.“

  15. 15

    Царот му рече: „Колкупати треба да те заколнам да ми ја кажуваш само вистината во Господовото име?“

  16. 16

    Тогаш Михеј рече: „Го видов целиот Израел распрснат по планините како овци без овчар. И Господ рече: ‚Овие немаат господар; секој нека се врати во својот дом во мир.‘“

  17. 17

    Израелевиот цар му рече на Јосафат: „Не ти ли реков дека нема да ми пророкува добро, туку зло?“

  18. 18

    Михеј продолжи: „Затоа, слушнете го Господовиот збор: Го видов Господ како седи на Својот престол, а целото небесно мноштво стоеше покрај Него, од Неговата десна и лева страна.

  19. 19

    Господ праша: ‚Кој ќе го намами Ахав, Израелевиот цар, да отиде и да загине во Рамот-Галаад?‘ Еден рече едно, а друг друго.

  20. 20

    Тогаш излезе еден дух, застана пред Господ и рече: ‚Јас ќе го намамам.‘ Господ го праша: ‚Како?‘

  21. 21

    Тој одговори: ‚Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устата на сите негови пророци.‘ Господ рече: ‚Ќе го намамиш и ќе успееш. Оди и направи така.‘

  22. 22

    И сега, ете, Господ стави лажлив дух во устата на овие твои пророци, зашто Господ одреди несреќа за тебе.“

  23. 23

    Тогаш Седекија, синот на Ханана, се приближи, го удри Михеј по образот и рече: „По кој пат Господовиот Дух помина од мене за да зборува преку тебе?“

  24. 24

    Михеј одговори: „Ќе го видиш тоа во денот кога ќе бегаш од една внатрешна соба во друга за да се скриеш.“

  25. 25

    Тогаш Израелевиот цар рече: „Земете го Михеј и вратете го кај градскиот управител Амон и кај царскиот син Јоас.

  26. 26

    Кажете им: ‚Вака вели царот: Ставете го овој човек во затвор и давајте му малку леб и вода додека не се вратам во мир.‘“

  27. 27

    Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборувал преку мене.“ Потоа додаде: „Слушнете го ова, сите народи!“

  28. 28

    Така Израелевиот цар и јудејскиот цар Јосафат отидоа во Рамот-Галаад.

  29. 29

    Израелевиот цар му рече на Јосафат: „Јас ќе се преправам и така ќе влезам во битката, а ти облечи ја својата царска облека.“ Израелевиот цар се преправи и влегоа во битката.

  30. 30

    Сирискиот цар им беше заповедал на заповедниците на своите бојни коли: „Не борете се ниту против мал ниту против голем, туку само против Израелевиот цар.“

  31. 31

    Кога заповедниците на бојните коли го видоа Јосафат, рекоа: „Ова е Израелевиот цар!“ Затоа се свртеа кон него за да го нападнат. Но Јосафат извика, и Господ му помогна; Бог ги одврати од него.

  32. 32

    Кога заповедниците на бојните коли видоа дека тој не е Израелевиот цар, престанаа да го гонат.

  33. 33

    Но еден човек го затегна лакот без да нишани и го погоди Израелевиот цар меѓу споевите на оклопот. Царот му рече на својот колар: „Сврти ја колата и изведи ме од битката, зашто сум тешко ранет.“

  34. 34

    Битката се засилуваше во текот на целиот ден. Израелевиот цар остана исправен во својата бојна кола, свртен кон Сиријците, сѐ до вечерта, а при зајдисонце умре.