Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 19

  1. 1

    Јудејскиот цар Јосафат се врати во мир во својот дом во Ерусалим.

  2. 2

    Гледачот Јуј, синот на Ананиј, излезе да го пресретне и му рече на царот Јосафат: „Зар треба да му помагаш на безбожникот и да ги љубиш оние што Го мразат Господ? Поради тоа врз тебе дојде Господов гнев.

  3. 3

    Сепак, во тебе се најдоа и добри работи: ги отстрани ашерите од земјата и го насочи своето срце да Го бара Бог.“

  4. 4

    Јосафат живееше во Ерусалим, а потоа повторно излезе меѓу народот од Вир-Савеја до Ефремовата планинска област и ги враќаше кон Господ, Бог на нивните татковци.

  5. 5

    Постави судии во земјата, во сите утврдени Јудини градови, град по град.

  6. 6

    Им рече на судиите: „Внимавајте што правите, зашто не судите во име на човек, туку во име на Господ, Кој е со вас кога судите.

  7. 7

    Затоа нека биде врз вас стравот од Господ. Внимавајте како постапувате, зашто кај Господ, нашиот Бог, нема неправда, пристрасност ниту примање поткуп.“

  8. 8

    И во Ерусалим Јосафат постави некои од левитите, свештениците и водачите на Израелевите татковски домови да судат во Господовите работи и во споровите. Тие живееја во Ерусалим.

  9. 9

    Им заповеда: „Вака постапувајте во Господов страв, верно и со целосно срце.

  10. 10

    Кога вашите браќа што живеат во своите градови ќе ви донесат спор – за крвопролевање, закон, заповед, одредби или прописи – предупредете ги да не станат виновни пред Господ, за да не дојде гнев врз вас и врз вашите браќа. Постапувајте така и нема да станете виновни.

  11. 11

    Ете, првосвештеникот Амарија ќе биде над вас во секоја Господова работа, а Зевадија, синот на Исмаил, водачот на Јудиниот дом, во секоја царска работа. Левитите ќе ви служат како надзорници. Бидете храбри и работете, а Господ нека биде со оној што постапува добро.“