Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 20

  1. 1

    По овие настани, Моавците и Амонците, а со нив и некои од Меунците, дојдоа да војуваат против Јосафат.

  2. 2

    Дојдоа луѓе и му јавија на Јосафат: „Против тебе доаѓа големо мноштво од другата страна на морето, од Сирија. Еве, веќе се во Асасон-Тамар, односно Ен-Геди.“

  3. 3

    Јосафат се исплаши и реши да Го побара Господ. Прогласи пост низ цела Јуда.

  4. 4

    Јудејците се собраа да побараат помош од Господ; од сите Јудини градови дојдоа да Го бараат Господ.

  5. 5

    Јосафат застана среде собранието на Јуда и Ерусалим, во Господовиот дом, пред новиот двор,

  6. 6

    и рече: „Господи, Боже на нашите татковци, зар не си Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите. Во Твојата рака се силата и моќта и никој не може да Ти се спротивстави.

  7. 7

    Зар не беше Ти, Боже наш, Кој ги истера жителите на оваа земја пред Својот народ Израел и засекогаш му ја даде на потомството на Твојот пријател Авраам?

  8. 8

    Тие се населија во неа и во неа Ти изградија светилиште за Твоето име, велејќи:

  9. 9

    ‚Ако врз нас дојде зло – меч на осуда, чума или глад – ќе застанеме пред овој дом и пред Тебе, зашто Твоето име е во овој дом. Ќе извикаме кон Тебе во својата неволја, а Ти ќе нѐ слушнеш и ќе нѐ избавиш.‘

  10. 10

    А сега, ете ги Амонците, Моавците и жителите на гората Сир. Кога Израелевите синови излегуваа од Египетската земја, Ти не им дозволи да ги нападнат, туку тие ги заобиколија и не ги уништија.

  11. 11

    Ете како ни возвраќаат: доаѓаат да нѐ истераат од Твојот имот што ни го даде во наследство.

  12. 12

    Боже наш, зар нема да им судиш? Ние немаме сила да му се спротивставиме на ова големо мноштво што доаѓа против нас. Не знаеме што да правиме, но нашите очи се свртени кон Тебе.“

  13. 13

    Целиот Јуда стоеше пред Господ со своите мали деца, жени и синови.

  14. 14

    Тогаш среде собранието Господовиот Дух слезе врз левитот Јазиил, синот на Захарија, син на Венаја, син на Јеиил, син на Матанија, од Асафовите синови.

  15. 15

    Тој рече: „Слушајте, цел Јуда, жители на Ерусалим и ти, царе Јосафате! Вака ви вели Господ: ‚Не плашете се и не ужасувајте се од ова големо мноштво, зашто битката не е ваша, туку Божја.

  16. 16

    Утре слезете против нив. Ете, тие се искачуваат по нагорнината Асис. Ќе ги најдете на крајот од долината, пред пустината Јеруил.

  17. 17

    Вие нема да треба да се борите во оваа битка. Заземете ги своите места, застанете и гледајте го избавувањето што Господ ќе го изврши за вас, Јудо и Ерусалиме! Не плашете се и не ужасувајте се. Утре излезете против нив, зашто Господ е со вас.‘“

  18. 18

    Јосафат се наведна со лицето до земја, а целиот Јуда и жителите на Ерусалим паднаа пред Господ и Му се поклонија.

  19. 19

    Левитите од Каатовите и Кореевите синови станаа и со многу силен глас Го славеа Господ, Израелевиот Бог.

  20. 20

    Утредента станаа рано и излегоа кон пустината Текоа. Кога тргнаа, Јосафат застана и рече: „Слушајте ме, Јудо и жители на Ерусалим! Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и ќе бидете цврсти; верувајте им на Неговите пророци и ќе успеете.“

  21. 21

    Откако се посоветува со народот, постави пејачи да Му пеат на Господ и да ја слават убавината на Неговата светост, одејќи пред војската и велејќи: „Славете Го Господ, зашто Неговата милост трае засекогаш.“

  22. 22

    Кога почнаа да пеат и да Го слават, Господ постави заседи против Амонците, Моавците и жителите на гората Сир, кои дојдоа против Јуда, и тие беа поразени.

  23. 23

    Амонците и Моавците станаа против жителите на гората Сир за целосно да ги уништат. Кога ги довршија жителите на Сир, почнаа меѓусебно да се уништуваат.

  24. 24

    Кога Јуда стигна до стражарницата во пустината и погледна кон мноштвото, ете, на земјата лежеа само мртви тела; никој не беше избегал.

  25. 25

    Јосафат и неговиот народ дојдоа да го соберат пленот. Меѓу нив најдоа многу богатство и скапоцени предмети и зедоа толку многу што не можеа да го однесат. Три дена го собираа пленот, зашто беше многу.

  26. 26

    На четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, зашто таму Го благословија Господ. Затоа тоа место се нарекува Долина на благословот до денес.

  27. 27

    Потоа сите луѓе од Јуда и Ерусалим, предводени од Јосафат, се вратија во Ерусалим со радост, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели.

  28. 28

    Дојдоа во Ерусалим, во Господовиот дом, со лири, харфи и труби.

  29. 29

    Страв од Бог ги обзеде сите царства во околните земји кога слушнаа дека Господ војуваше против Израелевите непријатели.

  30. 30

    Така царството на Јосафат имаше мир, зашто неговиот Бог му даде спокојство од сите страни.

  31. 31

    Јосафат царуваше над Јуда. Имаше триесет и пет години кога стана цар и царуваше дваесет и пет години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Азува и беше ќерка на Силеј.

  32. 32

    Тој одеше по патот на својот татко Аса и не отстапи од него, туку го правеше она што беше право во Господовите очи.

  33. 33

    Сепак, високите места не беа отстранети, и народот сѐ уште не го беше насочил своето срце кон Бог на своите татковци.

  34. 34

    Останатите дела на Јосафат, од почетокот до крајот, се запишани во записите на Јуј, синот на Ананиј, кои се внесени во Книгата на Израелевите цареви.

  35. 35

    По ова, јудејскиот цар Јосафат се здружи со Израелевиот цар Охозија, кој постапуваше безбожно.

  36. 36

    Се здружи со него за да изградат бродови што ќе одат во Тарсис, и ги изградија бродовите во Есион-Гавер.

  37. 37

    Тогаш Елиезер, синот на Додава од Мариса, пророкуваше против Јосафат: „Бидејќи се здружи со Охозија, Господ ќе го уништи твоето дело.“ Бродовите се разбија и не можеа да отпловат за Тарсис.