2 Летописи
Глава 21
- 1
Јосафат почина и беше погребан со своите татковци во Давидовиот град, а наместо него се зацари неговиот син Јорам.
- 2
Јорам имаше браќа, Јосафатови синови: Азарија, Јехиил, Захарија, Азарија, Михаил и Сафатија. Сите тие беа синови на Израелевиот цар Јосафат.
- 3
Нивниот татко им даде многу дарови – сребро, злато, скапоцености и утврдени градови во Јуда – но царството му го даде на Јорам, зашто тој беше првороден.
- 4
Кога Јорам ја презеде власта над царството на својот татко и се зацврсти, ги уби со меч сите свои браќа, како и некои од Израелевите водачи.
- 5
Јорам имаше триесет и две години кога стана цар и царуваше осум години во Ерусалим.
- 6
Одеше по патот на Израелевите цареви, како што постапуваше Ахавовиот дом, зашто неговата жена беше Ахавова ќерка. Тој правеше зло во Господовите очи.
- 7
Сепак, Господ не сакаше да го уништи Давидовиот дом поради заветот што го склучи со Давид и поради ветувањето дека засекогаш ќе му даде светилник нему и на неговите потомци.
- 8
Во негово време Едом се побуни против власта на Јуда и си постави свој цар.
- 9
Тогаш Јорам тргна со своите заповедници и со сите бојни коли. Стана ноќе и ги порази Едомците што го беа опколиле него и заповедниците на бојните коли.
- 10
Но Едом остана независен од Јудината власт до денес. Во исто време се побуни и Ливна, зашто Јорам Го напушти Господ, Бог на своите татковци.
- 11
Тој изгради високи места по Јудините планини, ги наведе жителите на Ерусалим кон духовно неверство и го заведе Јуда.
- 12
Тогаш му пристигна писмо од пророкот Илија: „Вака вели Господ, Бог на твојот предок Давид: ‚Бидејќи не одеше по патиштата на својот татко Јосафат ниту по патиштата на јудејскиот цар Аса,
- 13
туку одеше по патот на Израелевите цареви, ги наведе Јуда и жителите на Ерусалим кон неверство, како што го правеше Ахавовиот дом, и ги уби своите браќа од домот на својот татко, кои беа подобри од тебе,
- 14
ете, Господ ќе го удри со тежок удар твојот народ, твоите синови, твоите жени и целиот твој имот.
- 15
А ти ќе заболиш од тешка болест на цревата, сѐ додека поради болеста, од ден на ден, не ти излезат цревата.‘“
- 16
Потоа Господ го разбуди против Јорам духот на Филистејците и на Арапите што живееја близу до Етиопјаните.
- 17
Тие тргнаа против Јуда, навлегоа во земјата и го однесоа целиот имот што го најдоа во царскиот дворец, како и неговите синови и жени. Не му остана ниеден син, освен најмладиот, Охозија.
- 18
По сето тоа Господ го удри со неизлечлива болест на цревата.
- 19
По извесно време, кога поминаа две години, поради болеста му излегоа цревата и умре во тешки маки. Неговиот народ не запали за него мириси како што правеше за неговите татковци.
- 20
Имаше триесет и две години кога стана цар и царуваше осум години во Ерусалим. Умре без некој да жали за него. Го погребаа во Давидовиот град, но не во царските гробници.