Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 22

  1. 1

    Жителите на Ерусалим го поставија за цар неговиот најмлад син Охозија, зашто разбојничките чети што дојдоа со Арапите во логорот ги убија сите постари синови. Така се зацари Охозија, синот на јудејскиот цар Јорам.

  2. 2

    Охозија имаше четириесет и две години кога стана цар и царуваше една година во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Готолија и беше внука на Амриј.

  3. 3

    И тој одеше по патиштата на Ахавовиот дом, зашто неговата мајка го советуваше да прави зло.

  4. 4

    Правеше зло во Господовите очи, како Ахавовиот дом, зашто по смртта на неговиот татко тие му станаа советници за негова пропаст.

  5. 5

    По нивниот совет отиде со Израелевиот цар Јорам, синот на Ахав, во војна против сирискиот цар Азаил кај Рамот-Галаад. Таму Сиријците го ранија Јорам.

  6. 6

    Тој се врати во Јизреел за да се лекува од раните што му ги нанесоа кај Рама, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. Јудејскиот цар Охозија, синот на Јорам, слезе во Јизреел да го посети Јорам, Ахавовиот син, зашто беше болен.

  7. 7

    Но Охозиевото одење кај Јорам беше од Бог за негова пропаст. Кога пристигна, излезе со Јорам против Јуј, синот на Намесиј, кого Господ го помаза да го уништи Ахавовиот дом.

  8. 8

    Додека Јуј ја извршуваше пресудата над Ахавовиот дом, ги најде јудејските водачи и синовите на Охозиевите браќа, кои му служеа на Охозија, и ги уби.

  9. 9

    Потоа го бараше и Охозија. Го фатија додека се криеше во Самарија, го доведоа кај Јуј и го убија. Потоа го погребаа, зашто рекоа: „Тој е син на Јосафат, кој Го бараше Господ со целото свое срце.“ Во Охозиевиот дом веќе немаше никој што можеше да ја задржи царската власт.

  10. 10

    Кога Готолија, Охозиевата мајка, виде дека нејзиниот син е мртов, стана и го погуби целото царско потомство од Јудиниот дом.

  11. 11

    Но Јосавеета, царската ќерка, го зеде Јоас, Охозиевиот син, и тајно го изнесе од царските синови што ги убиваа. Го смести него и неговата доилка во една спална соба. Така Јосавеета, ќерката на царот Јорам и жена на свештеникот Јодај, го скри од Готолија, зашто таа беше Охозиева сестра, па Готолија не го уби.

  12. 12

    Тој остана скриен кај нив во Божјиот дом шест години, додека Готолија царуваше над земјата.