Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 23

  1. 1

    Во седмата година Јодај се охрабри и склучи сојуз со стотниците: Азарија, синот на Јероам; Исмаил, синот на Јоанан; Азарија, синот на Овид; Маасија, синот на Адаја; и Елисафат, синот на Зихриј.

  2. 2

    Тие го обиколија Јуда, ги собраа левитите од сите Јудини градови и водачите на Израелевите татковски домови, па дојдоа во Ерусалим.

  3. 3

    Целото собрание склучи завет со царот во Божјиот дом. Јодај им рече: „Ете, царскиот син ќе царува, како што Господ рече за Давидовите потомци.

  4. 4

    Ова треба да го направите: една третина од свештениците и левитите што влегуваат на служба во сабота нека бидат вратари кај портите;

  5. 5

    една третина нека биде во царскиот дворец, а една третина кај Портата на темелот. Целиот народ нека биде во дворовите на Господовиот дом.

  6. 6

    Никој да не влегува во Господовиот дом освен свештениците и левитите што служат. Тие смеат да влезат, зашто се посветени, а целиот народ нека го пази она што го заповеда Господ.

  7. 7

    Левитите нека го опкружат царот, секој со оружјето во раката. Секој што ќе влезе во домот нека биде убиен. Бидете со царот кога влегува и кога излегува.“

  8. 8

    Левитите и целиот Јуда направија сѐ што заповеда свештеникот Јодај. Секој ги зеде своите луѓе – оние што влегуваа на служба во сабота и оние што ја завршуваа службата во сабота – зашто свештеникот Јодај не ги распушти одредите.

  9. 9

    Свештеникот Јодај им ги даде на стотниците копјата, малите и големите штитови на царот Давид, кои се чуваа во Божјиот дом.

  10. 10

    Го постави целиот народ околу царот, секој со оружјето во раката, од десната до левата страна на домот, покрај жртвеникот и храмот.

  11. 11

    Потоа го изведоа царскиот син, му ја ставија круната, му го дадоа сведоштвото и го направија цар. Јодај и неговите синови го помазаа и извикаа: „Да живее царот!“

  12. 12

    Кога Готолија ја слушна вревата на народот што трчаше и го славеше царот, дојде кај народот во Господовиот дом.

  13. 13

    Погледна, и ете, царот стоеше покрај својот столб на влезот, а покрај царот беа заповедниците и трубачите. Целиот народ на земјата се радуваше и трубеше, а пејачите свиреа на музички инструменти и го предводеа славењето. Тогаш Готолија ја раскина својата облека и извика: „Заговор! Заговор!“

  14. 14

    Свештеникот Јодај ги изведе стотниците, кои беа поставени над војската, и им рече: „Изведете ја надвор меѓу редовите. Секој што ќе тргне по неа нека биде убиен со меч.“ Зашто свештеникот рече: „Не убивајте ја во Господовиот дом.“

  15. 15

    Тие ѝ направија пат, па кога стигна до влезот на Коњската порта кај царскиот дворец, ја убија таму.

  16. 16

    Потоа Јодај склучи завет меѓу себе, целиот народ и царот, дека ќе бидат Господов народ.

  17. 17

    Целиот народ влезе во Вааловиот храм и го урна. Ги искршија неговите жртвеници и ликови, а Вааловиот свештеник Матан го убија пред жртвениците.

  18. 18

    Јодај ја довери службата во Господовиот дом на свештениците и левитите, кои Давид ги распореди во Господовиот дом, за да Му принесуваат на Господ жртви паленици според она што е запишано во Мојсеевиот закон, со радост и пеење според Давидовата наредба.

  19. 19

    Постави и вратари кај портите на Господовиот дом, за да не влегува никој што е нечист од каква било причина.

  20. 20

    Потоа ги зеде стотниците, угледните луѓе, водачите на народот и целиот народ на земјата и го изведоа царот од Господовиот дом. Поминаа низ Горната порта до царскиот дворец и го поставија царот на царскиот престол.

  21. 21

    Целиот народ на земјата се радуваше и градот се смири, откако Готолија беше убиена со меч.