2 Летописи
Глава 24
- 1
Јоас имаше седум години кога стана цар и царуваше четириесет години во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Сивија и беше од Вир-Савеја.
- 2
Јоас го правеше она што беше право во Господовите очи во текот на сите денови на свештеникот Јодај.
- 3
Јодај му зеде две жени, и му се родија синови и ќерки.
- 4
По некое време Јоас реши да го обнови Господовиот дом.
- 5
Ги собра свештениците и левитите и им рече: „Одете по Јудините градови и секоја година собирајте пари од целиот Израел за да се поправа домот на вашиот Бог. Побрзајте со работата.“ Но левитите не побрзаа.
- 6
Тогаш царот го повика првосвештеникот Јодај и му рече: „Зошто не побара од левитите да го соберат од Јуда и Ерусалим данокот што Господовиот слуга Мојсеј му го наложи на Израелевото собрание за Шаторот на сведоштвото?
- 7
Зашто безбожната Готолија и нејзините синови го ограбија Божјиот дом, а сите посветени предмети од Господовиот дом ги употребија за Вааловците.“
- 8
По царска заповед направија ковчег и го поставија надвор, кај портата на Господовиот дом.
- 9
Потоа објавија низ Јуда и Ерусалим народот да Му го донесува на Господ данокот што Божјиот слуга Мојсеј му го наложи на Израел во пустината.
- 10
Сите водачи и целиот народ се радуваа, донесуваа и ставаа во ковчегот додека не се наполни.
- 11
Секогаш кога левитите го носеа ковчегот кај царските службеници и ќе видеа дека има многу пари, доаѓаа царскиот писар и службеникот на првосвештеникот, го празнеа ковчегот, а потоа го враќаа на неговото место. Така правеа секојдневно и собраа многу пари.
- 12
Царот и Јодај им ги даваа парите на надзорниците на работата во Господовиот дом. Тие најмуваа каменоресци и дрводелци за да го обноват Господовиот дом, како и ковачи и мајстори за бронза за да го поправат.
- 13
Работниците работеа и обновувањето напредуваше во нивните раце. Го вратија Божјиот дом во неговата првобитна состојба и го зацврстија.
- 14
Кога завршија, ги донесоа преостанатите пари пред царот и Јодај. Од нив направија предмети за Господовиот дом – садови за служба и принесување жртви, кадилници и други златни и сребрени садови. Во Господовиот дом редовно принесуваа жртви паленици во текот на целиот живот на Јодај.
- 15
Јодај остаре и се насити од животот, па умре. Имаше сто и триесет години кога умре.
- 16
Го погребаа во Давидовиот град меѓу царевите, зашто направи добро во Израел, пред Бог и за Неговиот дом.
- 17
По смртта на Јодај, јудејските водачи дојдоа, му се поклонија на царот, и царот ги послуша.
- 18
Тие го напуштија домот на Господ, Бог на своите татковци, и им служеа на ашерите и идолите. Поради оваа нивна вина, гнев дојде врз Јуда и Ерусалим.
- 19
Сепак, Господ им испраќаше пророци за да ги вратат кај Него. Тие сведочеа против нив, но народот не ги слушаше.
- 20
Тогаш Божјиот Дух го облече Захарија, синот на свештеникот Јодај. Тој застана на повисоко место пред народот и им рече: „Вака вели Бог: ‚Зошто ги престапувате Господовите заповеди? Нема да успеете. Бидејќи вие Го напуштивте Господ, и Тој ве напушти вас.‘“
- 21
Но тие направија заговор против него и, по царска заповед, го каменуваа во дворот на Господовиот дом.
- 22
Царот Јоас не се сети на добрината што му ја покажа Захариевиот татко Јодај, туку го уби неговиот син. Додека умираше, Захарија рече: „Господ нека види и нека побара сметка.“
- 23
На крајот од годината сириската војска тргна против Јоас. Дојдоа во Јуда и Ерусалим, ги уништија сите народни водачи и целиот плен го испратија кај царот во Дамаск.
- 24
Иако сириската војска беше малобројна, Господ предаде во нејзините раце многу голема војска, зашто Јудејците Го напуштија Господ, Бог на своите татковци. Така Сиријците извршија пресуда над Јоас.
- 25
Кога Сиријците се повлекоа, оставајќи го тешко ранет, неговите слуги направија заговор против него поради крвта на синот на свештеникот Јодај. Го убија во неговата постела и тој умре. Го погребаа во Давидовиот град, но не во царските гробници.
- 26
Заговорниците против него беа Завад, синот на Амонката Симеата, и Јозавад, синот на Моавката Симрита.
- 27
За неговите синови, за многуте пророштва против него и за обновувањето на Божјиот дом е запишано во толкувањето на Книгата на царевите. Наместо него се зацари неговиот син Амасија.