2 Летописи
Глава 34
- 1
Јосија имаше осум години кога стана цар и царуваше триесет и една година во Ерусалим.
- 2
Го правеше она што беше право во Господовите очи и одеше по патиштата на својот предок Давид, без да се сврти ни надесно ни налево.
- 3
Во осмата година од своето царување, додека уште беше млад, почна да Го бара Бог на својот предок Давид. Во дванаесеттата година почна да ги очистува Јуда и Ерусалим од високите места, столбовите на Ашера, изрезбаните и леаните идоли.
- 4
Во негово присуство ги урнаа Вааловите жртвеници. Тој ги исече идолските столбови за сонцето што беа над нив, ги искрши столбовите на Ашера и изрезбаните и леаните ликови, ги столчи во прав и го расфрли правот врз гробовите на оние што им принесуваа жртви.
- 5
Ги изгоре и коските на идолските свештеници врз нивните жртвеници и така ги очисти Јуда и Ерусалим.
- 6
Истото го направи и во градовите на Манасија, Ефрем и Симеон, сѐ до Нефталим, и во нивните околни урнатини.
- 7
Ги урна жртвениците, ги столчи во прав столбовите на Ашера и изрезбаните ликови и ги исече сите идолски столбови за сонцето низ целата Израелева земја. Потоа се врати во Ерусалим.
- 8
Во осумнаесеттата година од своето царување, откако ја очисти земјата и Божјиот дом, ги испрати Шафан, синот на Азалија, градскиот управител Маасија и летописецот Јоах, синот на Јоахаз, да го обноват домот на Господ, неговиот Бог.
- 9
Тие отидоа кај првосвештеникот Хелкија и му ги предадоа парите донесени во Божјиот дом, кои левитите-вратари ги собраа од Манасија и Ефрем, од сите преостанати во Израел, од целиот Јуда и Венијамин и од жителите на Ерусалим.
- 10
Парите им ги предадоа на надзорниците над работата во Господовиот дом, а тие им ги дадоа на работниците што работеа во Господовиот дом за да го поправат и обноват.
- 11
Им ги дадоа на дрводелците и градителите за да купат делкани камења и дрво за греди и за да ги обноват градбите што јудејските цареви ги оставија да пропаднат.
- 12
Луѓето чесно ја извршуваа работата. Над нив беа поставени левитите Јахат и Авдија од Мерариевите потомци и Захарија и Месулам од Каатовите потомци. Другите левити, вешти во свирењето музички инструменти, исто така ја надгледуваа работата.
- 13
Тие беа надзорници и над носачите и над сите работници во секоја служба. Некои од левитите беа писари, службеници и вратари.
- 14
Кога ги изнесуваа парите донесени во Господовиот дом, свештеникот Хелкија ја најде Книгата на Господовиот закон даден преку Мојсеј.
- 15
Хелкија му рече на писарот Шафан: „Ја најдов Книгата на Законот во Господовиот дом.“ И Хелкија му ја даде книгата на Шафан.
- 16
Шафан му ја однесе книгата на царот и му извести: „Твоите слуги го извршуваат сето она што им беше доверено.
- 17
Ги собраа парите што се наоѓаа во Господовиот дом и им ги предадоа на надзорниците и работниците.“
- 18
Потоа писарот Шафан му рече на царот: „Свештеникот Хелкија ми даде една книга.“ И Шафан читаше од неа пред царот.
- 19
Кога царот ги слушна зборовите на Законот, ја раскина својата облека.
- 20
Потоа царот им заповеда на Хелкија, Ахикам, синот на Шафан, Авдон, синот на Михеј, писарот Шафан и царскиот слуга Асаја:
- 21
„Одете и прашајте Го Господ за мене и за оние што останаа во Израел и Јуда во врска со зборовите на пронајдената книга. Голем е Господовиот гнев што се излеа врз нас, зашто нашите татковци не го пазеа Господовиот збор и не постапуваа според сѐ што е запишано во оваа книга.“
- 22
Тогаш Хелкија и луѓето што ги одреди царот отидоа кај пророчицата Олда, жената на Селум, синот на Токуј, синот на Асра, чуварот на облеката. Таа живееше во вториот дел на Ерусалим. Тие разговараа со неа за тоа.
- 23
Таа им рече: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: Кажете му на човекот што ве испрати кај мене:
- 24
‚Вака вели Господ: Ете, ќе донесам зло врз ова место и врз неговите жители – сите проклетства запишани во книгата што ја прочитаа пред јудејскиот цар.
- 25
Бидејќи Ме напуштија и им кадеа на други богови, разгневувајќи Ме со сите дела на своите раце, Мојот гнев ќе се излее врз ова место и нема да згасне.‘
- 26
А на јудејскиот цар, кој ве испрати да Го прашате Господ, кажете му: ‚Вака вели Господ, Израелевиот Бог, за зборовите што ги слушна:
- 27
Бидејќи твоето срце омекна и се понизи пред Бог кога ги слушна Неговите зборови против ова место и неговите жители, бидејќи се понизи пред Мене, ја раскина својата облека и плачеше пред Мене, и Јас те послушав – вели Господ.
- 28
Ете, ќе те приберам кај твоите татковци и во мир ќе бидеш положен во својот гроб. Твоите очи нема да го видат сето зло што ќе го донесам врз ова место и врз неговите жители.‘“ Тие му го пренесоа одговорот на царот.
- 29
Тогаш царот испрати гласници и ги собра сите старешини на Јуда и Ерусалим.
- 30
Царот се искачи во Господовиот дом, а со него сите Јудини мажи и жителите на Ерусалим, свештениците, левитите и целиот народ, од најголемиот до најмалиот. Тој пред нив ги прочита сите зборови од Книгата на заветот што беше пронајдена во Господовиот дом.
- 31
Царот застана на своето место и склучи завет пред Господ дека ќе Го следи Господ и ќе ги пази Неговите заповеди, сведоштва и уредби со целото свое срце и со целата своја душа, исполнувајќи ги зборовите на заветот запишани во оваа книга.
- 32
Ги обврза кон заветот сите што се наоѓаа во Ерусалим и Венијамин. Жителите на Ерусалим постапуваа според заветот на Бог, Бог на своите татковци.
- 33
Јосија ги отстрани сите одвратни идоли од сите краишта што им припаѓаа на Израелевите синови и ги наведе сите што беа во Израел да Му служат на Господ, својот Бог. Во текот на сите негови денови тие не отстапија од Господ, Бог на своите татковци.