Прескокни кон главната содржина

2 Коринтјаните

Глава 1

  1. 1

    Павле, апостол на Исус Христос по Божја волја, и братот Тимотеј, до Божјата црква во Коринт, заедно со сите свети во цела Ахаја:

  2. 2

    благодат и мир да имате од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.

  3. 3

    Благословен да е Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на милосрдието и Бог на секоја утеха,

  4. 4

    Кој нѐ утешува во секоја наша неволја, за и ние да можеме да ги утешуваме оние што се во каква било неволја со утехата со која самите сме утешени од Бог.

  5. 5

    Зашто, како што страдањата за Христос изобилуваат во нас, така преку Христос изобилува и нашата утеха.

  6. 6

    Ако сме во неволја, тоа е за ваша утеха и спасение; ако сме утешени, тоа е за ваша утеха, која дејствува кога истрајно ги поднесувате истите страдања што ги поднесуваме и ние.

  7. 7

    И нашата надеж за вас е цврста, зашто знаеме дека како што учествувате во страдањата, така ќе учествувате и во утехата.

  8. 8

    Браќа, сакаме да знаете за неволјата што нѐ снајде во Азија: бевме прекумерно оптоварени, над нашата сила, така што се откажавме и од надежта за живот.

  9. 9

    Навистина, во себе веќе се сметавме осудени на смрт, за да не се потпираме на самите себе, туку на Бог, Кој ги воскреснува мртвите.

  10. 10

    Тој нѐ избави од толку голема смртна опасност и ќе нѐ избави; на Него се надеваме дека и понатаму ќе нѐ избави,

  11. 11

    а и вие ни помагате со молитва, за многумина да Му благодарат на Бог за дарот што ни е даден преку молитвите на мнозина.

  12. 12

    Зашто ова е нашата пофалба: сведоштвото на нашата совест дека во светот, а особено кон вас, живеевме со Божја искреност и чистота, не со телесна мудрост, туку со Божја благодат.

  13. 13

    Зашто не ви пишуваме ништо друго освен она што можете да го прочитате и разберете; а се надевам дека и до крај ќе разберете,

  14. 14

    како што донекаде веќе нѐ разбравте дека ние сме ваша пофалба, како што и вие сте наша, во денот на Господ Исус.

  15. 15

    Со таа увереност сакав најнапред да дојдам кај вас, за да имате двојна благодат,

  16. 16

    а преку вас да заминам за Македонија, потоа од Македонија повторно да дојдам кај вас и вие да ме испратите за Јудеја.

  17. 17

    Кога го наумив тоа, зар постапив лесномислено? Или она што го намислувам го намислувам според телото, та кај мене истовремено да има и „да“ и „не“?

  18. 18

    Но Бог е верен: нашиот збор кон вас не е истовремено „да“ и „не“.

  19. 19

    Зашто Божјиот Син, Исус Христос, Кого ви Го проповедавме јас, Силван и Тимотеј, не беше „да“ и „не“, туку во Него е „да“.

  20. 20

    Зашто сите Божји ветувања во Него се „да“; затоа и преку Него велиме „амин“ за Божја слава.

  21. 21

    А Бог е Оној Кој нѐ утврдува со вас во Христос и Кој нѐ помаза.

  22. 22

    Тој нѐ запечати како Свои и ни Го даде Духот во нашите срца како гаранција за она што ќе го добиеме.

  23. 23

    А јас Го повикувам Бог за сведок, заложувајќи ја својата душа: за да ве поштедам, сѐ уште не дојдов во Коринт.

  24. 24

    Не дека господариме над вашата вера, туку соработуваме за вашата радост, зашто вие стоите цврсто во верата.