Прескокни кон главната содржина

2 Коринтјаните

Глава 2

  1. 1

    Решив во себе повторно да не дојдам кај вас со жалост.

  2. 2

    Зашто, ако јас ве нажалам, кој ќе ме зарадува освен оној што сум го нажалил?

  3. 3

    И токму тоа ви го напишав, за кога ќе дојдам да не бидам нажален од оние на кои треба да им се радувам, бидејќи сум уверен во сите вас дека мојата радост е радост и на сите вас.

  4. 4

    Зашто ви пишав од голема неволја и тескоба во срцето, со многу солзи – не за да ве нажалам, туку за да ја познаете големата љубов што ја имам кон вас.

  5. 5

    Ако некој предизвикал жалост, не ме нажалил само мене, туку донекаде – за да не претерам – сите вас.

  6. 6

    На таквиот му е доволна казната што ја добил од мнозинството,

  7. 7

    па сега, напротив, треба да му простите и да го утешите, за да не биде совладан од преголема жалост.

  8. 8

    Затоа ве молам да му ја потврдите својата љубов.

  9. 9

    Зашто затоа и ви напишав: да ве испитам и да дознаам дали сте послушни во сѐ.

  10. 10

    А кому вие му простувате нешто, му простувам и јас. Зашто ако сум простил нешто, сум простил заради вас пред Христос,

  11. 11

    за сатаната да не нѐ надмудри, бидејќи неговите намери не ни се непознати.

  12. 12

    Кога дојдов во Троада да го проповедам Христовото Евангелие, Господ ми отвори врата,

  13. 13

    сепак, мојот дух немаше покој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и откако се простив со нив, заминав за Македонија.

  14. 14

    Но Му благодариме на Бог, Кој секогаш нѐ води во победоносна поворка во Христос и преку нас на секое место го шири мирисот на познанието за Него.

  15. 15

    Зашто ние сме Христов пријатен мирис пред Бог меѓу оние што се спасуваат и меѓу оние што пропаѓаат:

  16. 16

    за едните мирис од смрт кон смрт, а за другите мирис од живот кон живот. И кој е способен за ова?

  17. 17

    Зашто ние не сме како мнозина што тргуваат со Божјиот Збор, туку зборуваме искрено, како од Бог, пред Бог, во Христос.