Прескокни кон главната содржина

2 Коринтјаните

Глава 3

  1. 1

    Пак ли ќе почнеме сами да се препорачуваме пред вас? Или ни се потребни, како на некои, препорачувачки писма до вас или од вас?

  2. 2

    Вие сте нашето писмо, напишано во нашите срца, кое го познаваат и го читаат сите луѓе.

  3. 3

    Јасно е дека сте Христово писмо, составено преку нашата служба, напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог; не на камени плочи, туку на плочите на човечките срца.

  4. 4

    Таква доверба во Бог имаме преку Христос.

  5. 5

    Не дека самите од себе сме способни да сметаме дека нешто потекнува од нас; нашата способност е од Бог.

  6. 6

    Тој нѐ направи способни да бидеме служители на Новиот завет, не на буквата, туку на Духот; зашто буквата убива, а Духот оживува.

  7. 7

    Ако службата што донесува смрт, врежана со букви во камен, беше придружена со таква слава што Израелевите синови не можеа да гледаат во лицето на Мојсеј поради минливиот сјај на неговото лице,

  8. 8

    колку пославна ќе биде службата на Духот!

  9. 9

    Зашто, ако службата што донесува осуда имаше слава, многу пославна е службата што донесува праведност.

  10. 10

    Зашто она што некогаш беше прославено, во овој поглед веќе нема слава поради многу поголемата слава.

  11. 11

    Ако она што беше минливо имаше слава, колку повеќе она што останува ќе биде во слава!

  12. 12

    Имајќи таква надеж, зборуваме со голема смелост,

  13. 13

    и не постапуваме како Мојсеј, кој ставаше покривало врз своето лице, за Израелевите синови да не гледаат во крајот на она што исчезнуваше.

  14. 14

    Но нивните умови се закоравија. И до денес, кога се чита Стариот завет, истото покривало останува, бидејќи покривалото се отстранува само во Христос.

  15. 15

    И до денес, кога се чита Мојсеевиот Закон, покривало лежи врз нивните срца.

  16. 16

    Но кога човек ќе се обрати кон Господ, покривалото се отстранува.

  17. 17

    А Господ е Духот; и каде што е Господовиот Дух, таму има слобода.

  18. 18

    А сите ние, со откриено лице, ја гледаме како во огледало Господовата слава и се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава, како од Господовиот Дух.