2 Коринтјаните
Глава 5
- 1
Знаеме дека ако се урне нашиот земен шатор, имаме градба од Бог, вечен дом на небесата, не направен со раце.
- 2
Зашто во ова тело воздивнуваме, копнеејќи да се облечеме со нашето небесно живеалиште,
- 3
ако навистина, откако ќе се соблечеме, не бидеме најдени голи.
- 4
Зашто ние, кои сме во овој шатор, воздивнуваме оптоварени, не затоа што сакаме да се соблечеме, туку да се облечеме, за смртното да биде проголтано од животот.
- 5
Бог нѐ подготви токму за тоа и ни Го даде Духот како гаранција за она што ќе дојде.
- 6
Затоа секогаш сме полни со доверба и знаеме дека, додека живееме во телото, сме далеку од Господ,
- 7
зашто живееме според верата, а не според она што го гледаме.
- 8
Но сме полни со доверба и повеќе би сакале да го напуштиме телото и да живееме кај Господ.
- 9
Затоа се стремиме да Му бидеме угодни, било да сме во телото или надвор од него.
- 10
Зашто сите ние треба да се појавиме пред Христовиот суд, за секој да го прими она што го заслужил за она што го правел додека бил во телото, било добро или зло.
- 11
Знаејќи го стравот од Господ, ги уверуваме луѓето. Но пред Бог сме сосема познати, а се надевам дека сме познати и во вашите совести.
- 12
Не ви се препорачуваме повторно, туку ви даваме повод да се пофалите со нас, за да имате одговор за оние што се фалат со надворешноста, а не со срцето.
- 13
Ако сме надвор од себе, тоа е за Бог; ако сме разумни, тоа е за вас.
- 14
Зашто Христовата љубов нѐ обзема, бидејќи сме уверени дека Еден умре за сите, значи сите умреа.
- 15
И Тој умре за сите, за оние што живеат да не живеат веќе за себе, туку за Оној Кој умре и воскресна за нив.
- 16
Затоа отсега никого не го познаваме според телото. Иако некогаш Го познававме Христос според телото, сега веќе така не Го познаваме.
- 17
Затоа, ако некој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, ете, настана ново.
- 18
А сѐ е од Бог, Кој нѐ помири со Себе преку Христос и ни ја даде службата на помирувањето.
- 19
Имено, Бог беше во Христос и го помируваше светот со Себе, не припишувајќи им ги нивните престапи, а нам ни го довери Зборот на помирувањето.
- 20
Затоа ние сме Христови пратеници, како Бог да ве повикува преку нас. Во Христово име ве молиме: помирете се со Бог!
- 21
Оној Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за ние во Него да станеме Божја праведност.