Прескокни кон главната содржина

2 Коринтјаните

Глава 6

  1. 1

    Како Негови соработници, ве молиме да не ја примите Божјата благодат напразно.

  2. 2

    Зашто Тој вели: „Во благопријатно време те услишав и во денот на спасението ти помогнав.“ Еве, сега е благопријатното време; еве, сега е денот на спасението.

  3. 3

    Никому не даваме причина за соблазна, за нашата служба да не биде укорувана,

  4. 4

    туку во сѐ се покажуваме како Божји слуги: во голема истрајност, во неволји, нужди и тескоби,

  5. 5

    во удари, затвори, немири, трудови, бдеења и пости;

  6. 6

    во чистота, знаење, трпеливост и добрина; во Светиот Дух и во нелицемерна љубов;

  7. 7

    со Зборот на вистината, со Божјата сила, со оружјето на праведноста оддесно и одлево;

  8. 8

    преку слава и срам, преку лош глас и добар глас; како измамници, а сепак вистинити;

  9. 9

    како непознати, а сепак добро познати; како луѓе што умираат, а ете, живееме; како казнувани, но не погубени;

  10. 10

    како нажалени, а секогаш радосни; како сиромашни, а мнозина збогатуваме; како луѓе што немаат ништо, а поседуваат сѐ.

  11. 11

    Коринтјани, отворено ви зборуваме, а нашето срце е широко отворено за вас.

  12. 12

    Не сме ние тесни во своите чувства кон вас, туку вие сте тесни во своите чувства кон нас.

  13. 13

    А за возврат – ви зборувам како на свои деца – отворете ги широко и вие своите срца.

  14. 14

    Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверниците. Зашто какво заедништво има праведноста со беззаконието? Или каква заедница има светлината со темнината?

  15. 15

    Каква согласност може да има меѓу Христос и Велијар? Или што има заедничко верникот со неверникот?

  16. 16

    Каква согласност има Божјиот храм со идолите? Зашто ние сме храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе живеам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.“

  17. 17

    „Затоа излезете од нивната средина и одделете се“, вели Господ, „и не допирајте ништо нечисто; и Јас ќе ве примам.“

  18. 18

    „Ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“, вели Господ Семоќниот.