Прескокни кон главната содржина

2 Цареви

Глава 1

  1. 1

    По смртта на Ахав, Моав се побуни против Израел.

  2. 2

    Охозија падна низ решетката на својата горна соба во Самарија и се разболе. Затоа испрати гласници и им рече: „Одете и распрашајте се кај Ваал-Зевув, богот на Екрон, дали ќе оздравам од оваа болест.“

  3. 3

    Но Господов ангел му рече на Тесвиецот Илија: „Стани, оди да ги пресретнеш гласниците на самарискиот цар и кажи им: ‚Зар нема Бог во Израел, па одите да се распрашувате кај Ваал-Зевув, богот на Екрон?‘

  4. 4

    Затоа вака вели Господ: ‚Нема да станеш од постелата на која си легнал, туку сигурно ќе умреш.‘“ Потоа Илија си замина.

  5. 5

    Кога гласниците се вратија кај царот, тој ги праша: „Зошто се вративте?“

  6. 6

    Тие му одговорија: „Еден човек излезе да нѐ пресретне и ни рече: ‚Вратете се кај царот што ве испрати и кажете му: Вака вели Господ: Зар нема Бог во Израел, па испраќаш луѓе да се распрашуваат кај Ваал-Зевув, богот на Екрон? Затоа нема да станеш од постелата на која си легнал, туку сигурно ќе умреш.‘“

  7. 7

    Тој ги праша: „Како изгледаше човекот што ве пресретна и ви ги кажа овие зборови?“

  8. 8

    Тие одговорија: „Беше облечен во влакнеста облека и имаше кожен појас околу половината.“ Царот рече: „Тоа е Тесвиецот Илија.“

  9. 9

    Тогаш царот испрати кај него еден заповедник на педесетмина со неговите педесет војници. Заповедникот се искачи кај Илија, кој седеше на врвот од ридот, и му рече: „Божји човеку, царот заповеда: ‚Слези!‘“

  10. 10

    Но Илија му одговори на заповедникот: „Ако сум Божји човек, нека слезе оган од небото и нека те изгори тебе и твоите педесетмина.“ Тогаш слезе оган од небото и ги изгори него и неговите педесетмина.

  11. 11

    Царот повторно испрати кај него друг заповедник на педесетмина со неговите педесет војници. Тој му рече: „Божји човеку, вака заповеда царот: ‚Слези веднаш!‘“

  12. 12

    Илија им одговори: „Ако сум Божји човек, нека слезе оган од небото и нека те изгори тебе и твоите педесетмина.“ Тогаш Божји оган слезе од небото и ги изгори него и неговите педесетмина.

  13. 13

    Царот испрати и трет заповедник на педесетмина со неговите педесет војници. Третиот заповедник се искачи, клекна пред Илија и го молеше: „Божји човеку, те молам, нека биде скапоцен во твоите очи мојот живот и животот на овие педесет твои слуги.

  14. 14

    Ете, оган слезе од небото и ги изгори првите двајца заповедници и нивните педесетмина. Но сега, те молам, нека биде скапоцен мојот живот во твоите очи.“

  15. 15

    Тогаш Господовиот ангел му рече на Илија: „Слези со него и не плаши се од него.“ Илија стана и слезе со него кај царот.

  16. 16

    Му рече: „Вака вели Господ: Бидејќи испрати гласници да се распрашуваат кај Ваал-Зевув, богот на Екрон, како да нема Бог во Израел од Кого можеш да побараш збор, нема да станеш од постелата на која си легнал, туку сигурно ќе умреш.“

  17. 17

    И тој умре според Господовиот збор што го кажа Илија. Бидејќи Охозија немаше син, по него се зацари Јорам, во втората година од царувањето на Јорам, синот на јудејскиот цар Јосафат.

  18. 18

    Останатите дела што ги направи Охозија се запишани во Книгата на летописите на Израелевите цареви.