2 Цареви
Глава 21
- 1
Манасија имаше дванаесет години кога стана цар и царуваше педесет и пет години во Ерусалим. Името на неговата мајка беше Ефсива.
- 2
Тој правеше зло во Господовите очи, според одвратните обичаи на народите што Господ ги истера пред Израелевите синови.
- 3
Повторно ги изгради високите места што неговиот татко Езекија ги беше урнал, му подигна жртвеници на Ваал и направи ашера, како што направи Израелевиот цар Ахав. Му се поклонуваше на целото небесно воинство и му служеше.
- 4
Подигна жртвеници и во Господовиот дом, за кој Господ беше рекол: „Во Ерусалим ќе го поставам Моето име.“
- 5
Во двата двора на Господовиот дом подигна жртвеници на целото небесно воинство.
- 6
Го принесе својот син низ оган, се занимаваше со претскажување и гатање и се советуваше со повикувачи на духови и со врачари. Направи многу зло во Господовите очи и Го разгневи.
- 7
Изрезбаниот лик на ашерата што го направи го постави во домот за кој Господ им рече на Давид и на неговиот син Соломон: „Во овој дом и во Ерусалим, кој го избрав од сите Израелеви племиња, ќе го поставам Моето име засекогаш.
- 8
Нема веќе да дозволам нозете на Израел да скитаат надвор од земјата што им ја дадов на нивните татковци, само ако внимаваат да прават сѐ што им заповедав, според целиот закон што им го даде Мојот слуга Мојсеј.“
- 9
Но тие не послушаа. Манасија ги заведе да прават поголемо зло од народите што Господ ги истреби пред Израелевите синови.
- 10
Тогаш Господ зборуваше преку Своите слуги, пророците:
- 11
„Бидејќи Јудејскиот цар Манасија ги направи овие одвратни работи и направи поголемо зло од сѐ што правеа Аморејците пред него, а со своите идоли го наведе и Јуда да греши,
- 12
затоа вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‚Еве, ќе донесам такво зло врз Ерусалим и врз Јуда, што на секој што ќе чуе за него ќе му ѕвонат двете уши.
- 13
Над Ерусалим ќе ја протегнам истата мерна врвца што ја протегнав над Самарија и истиот висулец што го употребив над Ахавовиот дом. Ќе го избришам Ерусалим како што човек брише чинија: ја брише, па ја превртува наопаку.
- 14
Ќе ги отфрлам преостанатите од Моето наследство и ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели. Ќе станат плен и грабеж за сите свои непријатели,
- 15
зашто правеа зло во Моите очи и Ме разгневуваа од денот кога нивните татковци излегоа од Египет, па сѐ до денес.‘“
- 16
Освен гревот со кој го наведе Јуда да греши и да прави зло во Господовите очи, Манасија пролеа и многу невина крв, така што го наполни Ерусалим од едниот до другиот крај.
- 17
Останатите дела на Манасија, сѐ што направи и гревот што го изврши, се запишани во Книгата на летописите на јудејските цареви.
- 18
Манасија почина и беше погребан во градината на својот дворец, во градината на Оза. По него се зацари неговиот син Амон.
- 19
Амон имаше дваесет и две години кога стана цар и царуваше две години во Ерусалим. Името на неговата мајка беше Месулемета, ќерка на Арус од Јотева.
- 20
Тој правеше зло во Господовите очи, како што правеше неговиот татко Манасија.
- 21
Одеше по целиот пат по кој одеше неговиот татко, им служеше на идолите на кои им служеше неговиот татко и им се поклонуваше.
- 22
Го остави Господ, Бог на своите татковци, и не одеше по Господовиот пат.
- 23
Слугите на Амон направија заговор против него и го убија царот во неговиот дворец.
- 24
Но народот на земјата ги погуби сите што направија заговор против царот Амон, а потоа го постави за цар неговиот син Јосија.
- 25
Останатите дела што ги направи Амон се запишани во Книгата на летописите на јудејските цареви.
- 26
Го погребаа во неговиот гроб во градината на Оза, а по него се зацари неговиот син Јосија.