Прескокни кон главната содржина

2 Цареви

Глава 24

  1. 1

    Во неговите денови тргна вавилонскиот цар Навуходоносор. Јоаким му беше потчинет три години, но потоа се одметна и се побуни против него.

  2. 2

    Господ испраќаше против него халдејски, сириски, моавски и амонски чети. Ги испраќаше против Јуда за да го уништат, според зборот што Господ го кажа преку Своите слуги, пророците.

  3. 3

    Навистина, ова му се случи на Јуда по Господова заповед, за да го отстрани од пред Своето лице поради гревовите на Манасија и поради сѐ што тој направи,

  4. 4

    а и поради невината крв што ја пролеа, зашто го наполни Ерусалим со невина крв. Господ не сакаше да прости.

  5. 5

    Останатите дела на Јоаким и сѐ што направи се запишани во Книгата на летописите на јудејските цареви.

  6. 6

    Јоаким почина, а по него се зацари неговиот син Јоахин.

  7. 7

    Египетскиот цар веќе не излегуваше од својата земја, зашто вавилонскиот цар беше освоил сѐ што му припаѓаше на египетскиот цар, од Египетскиот Поток до реката Еуфрат.

  8. 8

    Јоахин имаше осумнаесет години кога стана цар и царуваше три месеци во Ерусалим. Името на неговата мајка беше Неуста, ќерка на Елнатан од Ерусалим.

  9. 9

    Тој правеше зло во Господовите очи, како што правеше неговиот татко.

  10. 10

    Во тоа време слугите на вавилонскиот цар Навуходоносор тргнаа против Ерусалим и го опколија градот.

  11. 11

    Додека неговите слуги го опсадуваа градот, вавилонскиот цар Навуходоносор дојде таму.

  12. 12

    Јудејскиот цар Јоахин му се предаде на вавилонскиот цар, заедно со својата мајка, своите слуги, своите водачи и дворјани. Вавилонскиот цар го зароби во осмата година од своето царување.

  13. 13

    Од таму ги однесе сите богатства од Господовиот дом и богатствата од царскиот дворец и ги искрши сите златни предмети што Израелевиот цар Соломон ги направи во Господовиот храм, како што Господ беше рекол.

  14. 14

    Го одведе во ропство целиот Ерусалим: сите водачи, сите храбри воини – десет илјади заробеници – и сите занаетчии и ковачи. Не остана никој освен најсиромашниот народ во земјата.

  15. 15

    Го одведе Јоахин во Вавилон. Од Ерусалим во Вавилон ги одведе и царската мајка, царските жени, неговите дворјани и најугледните луѓе од земјата.

  16. 16

    Вавилонскиот цар ги одведе во Вавилон сите храбри воини – седум илјади души – и илјада занаетчии и ковачи, сите силни и способни за војна.

  17. 17

    Вавилонскиот цар го постави Матанија, чичкото на Јоахин, за цар наместо него и му го промени името во Седекија.

  18. 18

    Седекија имаше дваесет и една година кога стана цар и царуваше единаесет години во Ерусалим. Името на неговата мајка беше Амитала, ќерка на Еремија од Ливна.

  19. 19

    Тој правеше зло во Господовите очи, како што правеше Јоаким.

  20. 20

    Поради Господовиот гнев тоа им се случи на Ерусалим и на Јуда, сѐ додека не ги отфрли од пред Своето лице. А Седекија се побуни против вавилонскиот цар.