Прескокни кон главната содржина

2 Цареви

Глава 8

  1. 1

    Елисеј ѝ рече на жената чиј син го оживеа: „Стани и замини со твоето семејство. Престојувај каде што можеш, зашто Господ повика глад врз земјата, кој ќе трае седум години.“

  2. 2

    Жената стана и постапи според зборот на Божјиот човек. Таа и нејзиното семејство отидоа и живееја седум години во филистејската земја.

  3. 3

    По седумте години жената се врати од филистејската земја и отиде кај царот за да го моли да ѝ ги врати домот и нивата.

  4. 4

    Во тоа време царот разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек, и му рече: „Раскажи ми ги сите големи дела што ги направи Елисеј.“

  5. 5

    Додека Гиезиј му раскажуваше на царот како Елисеј оживеал едно мртво дете, токму тогаш дојде жената чиј син го оживеа и го молеше царот за својот дом и за својата нива. Гиезиј рече: „Господару мој царе, ова е жената, а ова е нејзиниот син, кого Елисеј го оживеа.“

  6. 6

    Царот ја праша жената и таа му раскажа. Тогаш царот ѝ назначи еден службеник и рече: „Врати ѝ сѐ што ѝ припаѓа, заедно со целиот приход од нивата од денот кога ја напушти земјата досега.“

  7. 7

    Елисеј отиде во Дамаск. Сирискиот цар Вен-Адад беше болен и му јавија: „Божјиот човек дојде овде.“

  8. 8

    Царот му рече на Азаил: „Земи подарок со себе, оди да го пресретнеш Божјиот човек и преку него распрашај се од Господ: ‚Ќе оздравам ли од оваа болест?‘“

  9. 9

    Азаил отиде да го пресретне и зеде со себе подарок од сите најдобри нешта во Дамаск, натоварен на четириесет камили. Кога дојде, застана пред него и рече: „Твојот син Вен-Адад, сирискиот цар, ме испрати кај тебе да прашам: ‚Ќе оздравам ли од оваа болест?‘“

  10. 10

    Елисеј му рече: „Оди и кажи му: ‚Сигурно ќе оздравиш.‘ Но Господ ми покажа дека сигурно ќе умре.“

  11. 11

    Потоа Елисеј го впери погледот во Азаил и долго го гледаше, сѐ додека Азаил не се засрами. Тогаш Божјиот човек заплака.

  12. 12

    Азаил праша: „Зошто плаче мојот господар?“ Тој одговори: „Затоа што знам какво зло ќе им направиш на Израелевите синови: ќе ги запалиш нивните тврдини, ќе ги убиеш со меч нивните млади луѓе, ќе ги разбијаш нивните деца и ќе ги распаруваш бремените жени.“

  13. 13

    Азаил рече: „Но што е твојот слуга – зар е куче – за да направи толку големо нешто?“ Елисеј одговори: „Господ ми покажа дека ќе станеш цар над Сирија.“

  14. 14

    Потоа си замина од Елисеј и се врати кај својот господар. Царот го праша: „Што ти рече Елисеј?“ Тој одговори: „Ми рече дека сигурно ќе оздравиш.“

  15. 15

    Но следниот ден Азаил зеде покривка, ја натопи во вода и го задуши царот. Така тој умре, а Азаил се зацари по него.

  16. 16

    Во петтата година од царувањето на Јорам, синот на Израелевиот цар Ахав, додека Јосафат беше јудејски цар, Јорам, синот на Јосафат, се зацари над Јуда.

  17. 17

    Тој имаше триесет и две години кога се зацари и царуваше осум години во Ерусалим.

  18. 18

    Одеше по патот на Израелевите цареви, како што правеше Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена. Тој правеше зло во Господовите очи.

  19. 19

    Но Господ не сакаше да го уништи Јуда поради Својот слуга Давид, зашто му беше ветил дека секогаш ќе му дава светилник нему и на неговите синови.

  20. 20

    Во неговите денови Едом се побуни против власта на Јуда и постави свој цар.

  21. 21

    Тогаш Јорам отиде во Саир со сите свои бојни коли. Стана ноќе и ги порази Едомците што го опкружуваа него и заповедниците на бојните коли, но војската побегна во своите шатори.

  22. 22

    Така Едом се ослободи од власта на Јуда и остана независен до денес. Во истото време се побуни и Ливна.

  23. 23

    Останатите дела на Јорам и сѐ што направи се запишани во Книгата на летописите на јудејските цареви.

  24. 24

    Јорам почина и беше погребан со своите татковци во Давидовиот град, а по него се зацари неговиот син Охозија.

  25. 25

    Во дванаесеттата година од царувањето на Јорам, синот на Израелевиот цар Ахав, Охозија, синот на јудејскиот цар Јорам, се зацари над Јуда.

  26. 26

    Охозија имаше дваесет и две години кога се зацари и царуваше една година во Ерусалим. Неговата мајка се викаше Готолија и беше ќерка на Израелевиот цар Амвриј.

  27. 27

    Тој одеше по патот на Ахавовиот дом и правеше зло во Господовите очи, како Ахавовиот дом, зашто беше роднински поврзан со него.

  28. 28

    Заедно со Јорам, синот на Ахав, отиде во војна против сирискиот цар Азаил кај Рамот-Галаад, но Сиријците го ранија Јорам.

  29. 29

    Царот Јорам се врати во Језраел за да се лекува од раните што му ги нанесоа Сиријците кај Рама, кога војуваше против сирискиот цар Азаил. А Охозија, синот на јудејскиот цар Јорам, слезе во Језраел да го посети Јорам, синот на Ахав, бидејќи беше ранет.